ЗАКОНОТ ЗА СТАТУСОТ НА СЈО ПОМИНА НА СЕДНИЦА НА ВЛАДА, ЕКСПРЕСНО ЌЕ СЕ ПРАЌА ВО ПАРЛАМЕНТОТ

    ЗАКОНОТ ЗА СТАТУСОТ НА СЈО ПОМИНА НА СЕДНИЦА НА ВЛАДА, ЕКСПРЕСНО ЌЕ СЕ ПРАЌА ВО ПАРЛАМЕНТОТСо законот сите предистраги, истраги и обвиненија што ги поднесе СЈО по 30 јуни 2017 година, ќе треба да ги доврши. - Од денешната владина седница (Фото: Влада на РСМ)

    Законот за Јавно обвинителство на Македонија со кој Специјалнотојавно обвинителство се спојува со редовното, ама со сите истраги и предистраги кои ги почна и со месеци стојат без обвиненија, помина на денешната владина седница, велат оттаму. Од министрите е прифатен таков како што го напиша Министерството за правда.

    Експресно, Законот за Јавно обвинителство денеска ќе биде пуштен во Собранието.

    Регулирањето на статусот на СЈО треба да се случи, односно да се изгласа со двотретинско мнозинство во Собранието до 18 март 2019 година, бидејќи е услов за позитивен извештај на Европската комисија за добивање препорака на Република Северна Македонија за почнување претпристапни преговори за членство во ЕУ. Вчера во нашата земја престојуваше идниот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Филип Рикер кој ги потсети партиите на власт и опозицијата дека од функционирањето на СЈО ќе зависи и гласањето на некои земји членки на ратификацијата на приемот на Македонија во НАТО.

    Мнозинството за гласање на овој закон беше веднаш обезбедено.

    Сегашното СЈО ќе биде Специјално обвинителство во рамки на редовното обвинителство. Во прв степен, пред Основниот суд Скопје 1 и во втор, пред Апелациониот суд Скопје ќе се застапува со свои, а пред Врховниот суд ќе ги застапува обвинител од Републичкото јавно обвинителство.

    Обвинителите на идното СЈО автономно ќе одлучуваат за своите предмети и тие ќе се потпишуваат, а не како сега, кога се помошници на специјалната обвинителка Катица Јанева, чиј потпис е единствениот на нивните наредби за истраги, обвиненија, одлуки. Специјалните обвинители ќе имаат мандат од 4 години. Сегашните ќе одар на етапен реизбор, а на местото на оние кои нема да бидат реизбрани, ќе бидат избрани други, од рамки на редовното обвинителство.

    Со законот сите предистраги, истраги и обвиненија што ги поднесе СЈО по 30 јуни 2017 година, ќе треба да ги доврши. Дел од нив може да ги преземе Обвинителството за организиран криминал и корупција, согласно надлежностите кои прецизно се наведени во предлог-законот.

    СЈО ги сели ресурсите во редовното обвинителство. Хиерархиски, прв човек на споените обвинителства ќе биде јавниот обвинител на Македонија, во моментов Љубомир Јовески.

    СЈО ќе гони лица попречувачи на правдата, кривични дела од изборите и гласањето, злоупотреба на службената положба и овластувањата сторени од премиер, министри, судии, обвинители, претседател на држава и други високи државни функционери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира