ВИСИ РАТИФИКАЦИЈАТА ЗА НАТО АКО СЈО НЕ ПРОДОЛЖИ СО РАБОТА

    ВИСИ РАТИФИКАЦИЈАТА ЗА НАТО АКО СЈО НЕ ПРОДОЛЖИ СО РАБОТАВо владината коалиција не кажуваат дали имаат обезбедено двотретинско мнозинство со кое ќе обезбедат СЈО да продолжи со работа, но премиерот Заев рече дека се надева на консензус околу овој закон. - Зоран Јанковиќ, шефот на Канцеларијата за врски НАТО во Скопје, му го предаде знамето на НАТО на премиерот Зоран Заев на церемонија пред Владата на 12 февруари. (Фото: К. Попов)

    Законот за Јавно обвинителство со кој Специјалното обвинителство се спојува со редовното, носејќи ги со себе сите истраги што ги почна и судските случаи што ги привршува, денеска е поставено на седница на Влада, откако Филип Рикер, идниот помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања имаше средба речиси со сите државни и партиски лидери.

    На сите средби Рикер јасно ги предупредил соговорниците дека од иднината на СЈО, ќе зависи и ратификацијата на нашиот прием во НАТО во парламентите на некои земји членки, што значи – нема влез во НАТО, дознаваме од дипломатски извори.

    Рикер се сретна и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, чија партија две недели го блокира предлог-законот кој го изготви Министерството за правда.

    Со овој закон би се суспендирало мислењето на Врховниот суд кој ги забрани сите истраги што ги отвори СЈО по 30 јуни 2017 година и со неговото изгласување со двотретинско мнозинство во Собранието, тоа мислење заминува во историјата.

    Во владината коалиција не кажуваат дали имаат обезбедено двотретинско мнозинство со кое ќе обезбедат СЈО да продолжи со работа, но премиерот Заев рече дека се надева на консензус околу овој закон.

    Изгласувањето на статусот на СЈО до 18 март 2019 година е услов и за добивање позитивна препорака од Европската комисија за почнување претпристапни преговори за членство во ЕУ на Република Северна Македонија.

    Неофицијално, гаранција за гласање на Законот кога ќе дојде во Парламент, премиерот Зоран Заев веќе имал од осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, дел од пратениците сметаат дека „секоја држава треба да има специјално обвинителство кое ќе ги гони највисоките владини функционери, судии и обвинители, претседателот на државата и други т.н. бели јаки, кои во моментот се на власт“.

    Рикер се сретнал вчера и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но од таму, освен соопштение дека имало средба и оти на неа било заклучено дека членството во НАТО е клучен приоритет за земјата, нема детали околу евентуалната поддршка на СЈО при гласањето на новиот Закон за ЈОРМ, кој е со двотретинско мнозинство

    Министерката за правда Рената Дескоска го испратила законот во ДУИ уште пред околу две недели и оттаму немало никаков одговор.

    Во почнатите истраги и предистраги, осомничени се вицепремиерот Бујар Османи и лидерот на ДУИ Али Ахмети, заедно со избеганиот Никола Груевски, со кого како поранешен премиер, го спречија почнатиот попис во 2011 година, кога залудно беа пропаднати милиони евра од Буџетот. СЈО има почнато истраги и против Антонијо Милошоски, Сашо Мијалков, Орце Камчев, Силвана Бонева, нови истраги против Миле Јанакиески, истрага за Скопје 2014, истрага против Никола Груевски за злоупотреби со увоз на електрична енергија, потоа за „Актор“ за перење над 30 милиони евра… и многу други истраги.

    Во последното ТВ интервју пред заминувањето на први март, американскиот амбасадор Џес Бејли, предупредувајќи дека СЈО се ресурсите што ги има и со обуките за сложен финансиски криминал мора да продолжи да функционира, кажа што е најважно:

    „Измените на Законот за Јавно обвинителство да не бидат употребени за да се избегне одговорност кај функционерите. Измените на законот не смеат да бидат во насока за одредени луѓе да се протнат низ пукнатина“.

    На 29 мај 2018, откако во јавноста беше објавен нон-пејпер на дел од членките на ЕУ во кој е наведено дека Македонија не направила суштински напредок во спроведувањето на реформите и не ги исполнува условите за почеток на преговорите, холандскиот амбасадор Воутер Пломп рече дека ни се потребни одржливи реформи, како и континуирани резултати, особено во областа на судската независност и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Според Пломп, тоа вклучува и воспоставување одговорност за кривичните дела кои произлегуваат од прислушкуваните материјали од 2015 година.
    „Сметаме дека тоа е клучниот чекор во ставање крај на неказнивоста и враќањето на довербата на граѓаните во државните институции и судството. Сегашната и идна работа на СЈО е токму во оваа насока“, рече тогаш амбасадорот Пломп.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира