Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ ѝ подарија на Општина Кавадарци едно пајак возило. Градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев побарал од градоначалникот Петре Шилегов да му донираат едно возило, за да можат да ги креваат неправилно паркираните коли низ општината.
На последната седница на Советот на Град Скопје која се одржа на 28 февруари беше изгласана одлуката за донација на возилото, и во понеделникот пајакот бил испратен во Кавадарци.
Досега, Град Скопје и ЈП „Градски паркинг“ донираа три пајак возила и тоа на Општините Штип, Охрид и Куманово.
Директорот на ЈП „Градски паркинг“ Борче Јакимовски вели дека нема да им фалат возила во возниот парк бидејќи во тек е јавната набавка на нови три пајаци.
„Сега имаме 8 пајаци, а за еден месец кога очекуваме да заврши набавката ќе имаме уште 3. Според динамиката на работа нас ни се доволни 9 пајаци. Имаме барања да донираме и на Општините Струмица и Тетово. Тоа ќе го направиме откако ќе стигнат новите пајаци“, вели Јакимовски.
А. АНТЕВСКА