ОВА Е НЕВЕРОЈАТНО ВОЗБУДЛИВО, ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ УЧАТ ДА СКИЈААТ ВО МАВРОВО

ОВА Е НЕВЕРОЈАТНО ВОЗБУДЛИВО, ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ УЧАТ ДА СКИЈААТ ВО МАВРОВО„Ова е прекрасно, неверојатно е чувството“, возбудено воскликнуваа лицата со попреченост, кои завчера првпат можеа да скијаат со специјални седишта. (Фото: Ѓ. Личовски)

Возбуденост, радост, но и неизвесност како ќе биде првото скијање се гледа на лицата на Елена, Гере, Зоран, Љуљета, Васил и Ратко, на кои завчера попладне им почна обуката за скијање на лица со попреченост, која неделава се одвива во скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово. Тие се дел од групата од 13 лица со попреченост од Северна Македонија, Бугарија и Косово, кои од 4- 9 март заедно со 8 идни инструктори за скијање на лица со попреченост учествуваат во првата сит-ски школа, која ја организира организира Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“.

Елена Давидковска од Кратово, која е лице со попреченост од раѓање, вели дека со нетрпение очекува да почне скијањето.

„Ова за мене е прво вакво искуство иако се занимавам со атлетика, со фрлање диск, и досега многупати сум учествувала на меѓународни натпревари и имам прво место на државно ниво. Но, ова ќе биде сосем ново искуство“, вели таа.

Идните инструктори по скијање за лица со попреченост и самите претходно ја поминаа обуката под водство на експерти од Велс, и самите скијаа во сит-ски за да почувствуваат каква е перспективата на оние што ќе треба да ги обучуваат (Фото: Ѓ. Личовски)

Скијачите, но и идните инструктори внимателно ги следат последните совети од експертите од Велс Крис Деј и Роди Луелин за првото спуштање по падините на Маврово, а потоа почнува магијата. Додека скијачите седат во специјално дизајнирани седишта за скијање налик на санка, инструкторите кои се зад нив и со ленти ги држат седиштата, внимаваат да се одржи правец, добро да завртат на пострмните свиоци и безбедно да се спушат. Дел од нив скијаа и со скии, бидејќи попреченоста е помала.

„Ова е прекрасно, неверојатно е чувството“, се слушаат извици од скијачите додека се спуштаат со сит-ски седиштата.

Уште неколку пати ја повторуваат постапката, која е само подготоквка за она што ги очекува и следните денови од обуката, каде ќе мора самите да научат да управуваат со седиштето и да скијаат.

Експертите од Велс ги обучија и вработените во ски центарот како треба да се одвива транспорт на лицата со ски-лифтовите, бидејќи мора да тече прецизно за да можат безбедно да стигнат на ски патеките. (Фото: Ѓ. Личовски)

„Ова е незаборавно. За мене ова е прво искуство да скијам со сит-ски, и е многу поинтересно отоколку скијање со скии, што сум го правел пред 20 години. Оваа разлика јас лично можам да ја направам, бидејќи не сум цел живот во количка. Сакам на лицата со попреченост да им порачам да се отворат за сите можности што им се нудат, а на останатите да им помогнат на лицата кои не се самостојни, за да може и нив да ги вклучиме во општеството“, вели Гери Трпков од Скопје и член на здружението, кој додава дека ова е само подготовка пред тоа што ги чека следниот ден, кога треба да научат да ги користат специјалните лопатки со кои ќе можат сами да го управуваат седиштето за скијање.

Утрото, осумте идни инструктори за скијање за лица со попреченост и самите учеа како да се управува седиштето за скијање, под инструкции на експертите од Велс, кои по повеќе пати бараа од нив да ја повторуваат постапката, им укажуваа како да ја оддржат рамнотежата, потоа кога да ги ослободат специјалните ленти со кои се држи седиштето.

„Претходните два дена имавме теоретска обука за тоа како треба да ги држиме обуките на лица со попреченост, а денес и ние пробуваме како тоа изгледа. Идејата е да се ставиме во кожата на лицата со попреченост и од нивна преспектива да го доживемее тоа што го чувствуваат додека се во сит-ски. Прекрасно е и сосем различно од скијање со скии“, вели Владо Караев, еден од идните инструктори.

Крис и Роди со огромно трпение по повеќепати им објаснуваат каква треба да биде положбата на телото додека се зад седиштето, како и на оние што се во седиштето како да работат со лопатките за да се одржи правец. Крис вели дека зависно од попреченоста овие луѓе може да скијаат и со скии, и при тоа многу е важна довербата меѓу инструкторот и оној што е на обука.

Инструкторот од Велс Роди Луелин внимава до последниот детал дали опремата е соодветно поставена, пред да ги пушти да скијаат (Фото: Ѓ. Личовски)

Во обуката волонтерски се вклучија и инструкторот по падобранство Јане Стефанов, кој е дел од организацискиот тим на кампот, и професорката Соња Богдановска, која живее и работи во Канада со лица со попреченост. Тие велат дека тука имале голема помош и од вработените во скијачкиот центар при транспортот на скијачите со ски-лифтовите.

„Вработените во ски центарот многу добро се прилагодија на инструкциите од Роди и Крис и навистина целата постапка се одвиваше беспрекорно“, вели Богдановска.

Вангел Тркаљанов од здружението „Без ограничувања“ вели дека идејата за организирање прва ски школа за лица со попреченост е да им се доближат зимските спортови и на овие лица во земјава, бидејќи такво нешто досега немало. Тој и самиот е со попреченост и е првиот Македонец кој учествувал на натпревари во зимски спортови за овие лица.

„Идејата е да се забавуваат и да научат да скијаат. Занимавањето со спорт, па дури и со која било друга спортска активност за лицата со попреченост е од голема помош и значење, бидејќи на тој начин излегуваат од кругот на луѓе со кои се секојдневно опкружени, а самата физичка активност пак влијае на нивната самодоверба, како и на можноста за осамостојување. Секоја физичка активност влијае позитивно и на духот, но и на телото и ги намалува дополнителните проблеми кои може да настанат од неактивност“, вели Тркаљанов.

Дел од опремата потребна за одржување на школата ја обезбедиле инструкторите од Велс, со проектот на здружението треба да се набави и едно седиште за скијање. Тркаљанов вели дека сега ова е само почеток, и се надева дека ќе заживеат зимските спортови за лица со попреченост и во нашите скијачки центри. Според него, со ова се подига и јавната свест не само за лицата со попреченост, туку и за волонтерството, кое во нашата земја е многу малку застапено.

Од обуките и за инструкторите и за лицата со попреченост (Фото: Ѓ. Личовски)

„Инструкторите од Велс се со огромно искуство, Крис повеќе од 25 години работи со лица со попреченост, а Роди над 15 години. Многу сме благодарни што прифатија да бидат дел од оваа школа, за која имаме и многу поддржувачи кои волонтерски се вклучија. Идејата е да се овозоможи пристап за што повеќе лица со попреченост и се надеваме дека ќе се развива натаму“, вели Тркаљанов.

Ски кампот за лицата со попреченост здружението го организира со поддршка од скијачкиот центар „Заре Лазаревски“, хотелот „Спорт“ во Маврово, Универзитетот во Тенеси и Агенцијата за млади и спорт.

Е. БОЧВАРОСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира