КИНА И ЕТИОПИЈА ГИ ПРИЗЕМЈИЈА СИТЕ АВИОНИ „БОИНГ 737 МАКС 8“ ПО ВТОРАТА НЕСРЕЌА ВО РОК ОД ПЕТ МЕСЕЦИ

    КИНА И ЕТИОПИЈА ГИ ПРИЗЕМЈИЈА СИТЕ АВИОНИ „БОИНГ 737 МАКС 8“ ПО ВТОРАТА НЕСРЕЌА ВО РОК ОД ПЕТ МЕСЕЦИНесреќата во Етиопија се случи само пет месеци откако авион од ист тип се урна во Индонезија (Фото: Гети)

    Кина и Етиопија ги приземјија сите авиони од типот „боинг 737 макс 8“ по вчерашната несреќа во којашто загинаа 157 луѓе. Авионот на „Етиопијан ерлајнс“ со 149 патници и осум членови на екипажот се урна само шест минути по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба, откако претходно, пилотот пријавил проблеми и побарал дозвола за враќање, што му било и одобрено.

    Експертите велат дека сè уште е рано да се каже што е причината за несреќата, но ова се случи само пет месеци по падот на уште еден „боинг 737 макс 8“. Во октомври, авионот на индонезиската компанија „Лајон ер“ почнал да губи висина набргу по полетувањето и падна во море, при што загинаа 189 луѓе.

    „Имајќи ги предвид сличностите на двата инциденти, во коишто учествуваа новоиспорачаните авиони ‘боинг 737 макс 8‘, донесовме одлука да ги суспендираме сите авиони од овој тип“, соопшти Кинеската агенција за цивилен воздушен сообраќај.

    Оваа суспензија ќе погоди неколку големи кинески компании, кои во своите флоти имаат повеќе од 90 авиони од овој релативно нов модел, кој почна комерцијално да лета во 2017 година. И неколку компании од Северна Америка кои користат вакви авиони објавија дека ја следат ситуацијата.

    Во вчерашната несреќа загинаа државјани на 33 земји, најмногу Кенијци и Канаѓани, а најмалку 19 од жртвите работеле за Обединети нации. Пратеникот во словачкиот парламент Антон Хрнко потврди дека на трагичниот лет биле и неговите сопруга и две деца.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира