Скопјанка две и пол години чека ЕВН Македонија да ја приклучи на струја и поради тоа не може да се всели во нејзината легално изградена куќа. На 21 октомври 2016, склучен е договор со ЕВН за приклучување на дистрибутивната мрежа. Во договорот стои дека во рок од три дена од уплатата на износот, екипи на ЕВН ќе почнат со обезбедување нa сите неопходни дозволи, елаборати и документација потребна за започнување на реализација на приклучок. Уплатата во висина од 30.255 денари е направена на 7 јануари 2016, но таа сè уште нема струја и не може да се всели во нејзиниот дом.
Претставката скопјанката ја поднела до канцеларијата на Народниот правобранител, од каде испратиле допис до ЕВН Македонија бидејќи се загрозени нејзините права.
„Странката која поднесе претставка до нас склучила договор и ги подмирила сите трошоци кон ЕВН. Со тоа, компанијата е должна да обезбеди приклучок. Во моментот на негова реализација се појавиле некои непознати лица кои го спречиле изведувањето на работите, со образложение дека не дозволуваат да се копа по улицата. Клучна дилема во овој случај е прашањето кого штити ЕВН и зошто не ги употребува сите правни инструменти и можности кои ѝ стојат на располагање за да го реализира правото на корисникот“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител Иџет Мемети.
По неколкумесечни преписки, на 9 октомври 2017 скопјанката била приклучена на електродистрибутивната мрежа на ЕВН, а заедно со неа и други корисници кои имале проблем околу обезбедување траен приклучок. Но струја добила само 15 дена, односно на 24 октомври 2017 на корисникот му било извадено броилото со образложение дека станува збор за времен приклучок и дека утредента ќе дојдат да постават траен приклучок, што никогаш не се случило. Образложението било дека некој од останатите сопственици на соседните парцели поднел барање за дислокација на броилото на скопјанката.
„Барањето поднесено од сопственик на соседна парцела не е и не може да биде основа за дислокација на приклучок и броило на друг корисник. Согласно член 154 од Законот за енергетика, корисник на енергетски систем е должен да не ја попречува испораката на електрична енергија на други корисници, а постапување спротивно на предвиденото претставува прекршок за кој е предвидена глоба во висина од 1.000 евра“, се вели во писмото испратено од адвокатот на жената до ЕВН, а тоа е приложено и до Народниот правобранител.
Од Омбудсманот велат дека ваквото постапување на ЕВН скопјанката ја изложило на дополнителни трошоци, односно откако безуспешно неколку пати се обраќала до компанијата со барање да ја добие услугата, морала да почне и судски спор.
„Странката побарала судот да донесе времена мерка за обезбедување каков било приклучок на електродистрибутивната мрежа. Но, и по ова барање на странката година и половина нема одговор. ЕВН оваа ситуација ја користи како аргумент зошто не постапува. По интервенцијата на Народниот правобранител ни беше одговорено дека не можат да постапат додека се води судски спор“, велат од Народниот правобранител.
Од ЕВН Македонија велат дека не можат да изведат приклучок на овој објект оти станува збор за нерасчистени имотно-правни односи, не објаснувајќи зошто тогаш склучиле договор со странката со кој се обврзани да постават приклучок за струја.
„При реализација на приклучокот со ископ и положување на кабел кој што треба да се поврзе со кабелот кој води до објектот на барателот на приклучок, екипата на ЕВН е спречена во работата од страна на сопствениците на земјиштето каде се поставени двата кабли кои треба да се поврзат. Од тројцата сопственици на земјиштето и кабелот, само еден од нив има дадено писмена согласност, а другите побаруваат надоместок лично од барателот на приклучок за користење на нивното земјиште и нивниот кабел“, велат од ЕВН.
Од таму додаваат дека ниту во судска постапка ниту во постапка пред Регулаторната комисија за енергетика, барателот на приклучокот не успеа да достави согласност од другите сопственици за ЕВН да може да продолжи со работа.
„Без таа согласност ниту судот ниту Регулаторната комисија за енергетика не беа во можност да донесат одлука во корист на барателот на приклучок од причини што се утврди дека се работи за нерешени имотно-правни односи меѓу барателот на приклучокот и трети лица – сосопственици“, велат од ЕВН Македонија.
А. АНТЕВСКА