А. ДЕН ДОЛАРД, ХОЛАНДСКИОТ ПИСАТЕЛ КОЈ ГО ПРОСЛАВИ ОХРИД, ЖИВЕЕЛ ВО ЧАРШИЈАТА КАДЕ МОЖЕЛ ДА СЛУША ГРАДСКИ ПРИКАЗНИ

    А. ДЕН ДОЛАРД, ХОЛАНДСКИОТ ПИСАТЕЛ КОЈ ГО ПРОСЛАВИ ОХРИД, ЖИВЕЕЛ ВО ЧАРШИЈАТА КАДЕ МОЖЕЛ ДА СЛУША ГРАДСКИ ПРИКАЗНИСе верува дека Ден Долард дошол во Охрид во 1931, кога и слушнал приказни за Ромите што го инспирирале да го напише својот познат роман „Свадбата на седумте цигани” (Архивска фотографија)

    Познатиот холандски писател и антифашист А. ден Долард, кој го прослави Охрид со својот роман „Свадбата на седумте цигани”, живеел во сокачето кое сега гледа на влезот во култниот ресторан „Летница”. Има малку историски документи за тоа каде живеел Долард за време на престојот во Охрид и колку време останал.

    „Од постарите охриѓани слушнав дека холандскиот писател некаде во 1931 година престојувал во Охрид. Тој се сместил во една куќа во сокачето кое сега гледа на влезот во ресторанот ‘Летница‘ во стариот дел на градот. Таа куќа веќе не постои и на тоа место сега има нови градби. Некои кажуваат дека тука останал една година, други дека бил само неколку месеци”, вели Танас Горичан, потомок на старо охридско семејство.

    Во тогашната чаршија се одвивал градскиот живот и поради тоа, Ден Долард го одбрал овој дел на Охрид.

    „На влезот во ова сокаче од левата страна постоеле банка и кафеана. Тука Долард можел да се сретне со охриѓани, да слушне за нивниот живот, обичаите, фолклорот. Во една прилика му раскажале една интересна приказна за животот на Ромите. Некои велат дека тоа го поттикнало да го напише романот ‘Свадбата на седумте цигани‘”, раскажува Горичан.

    Во знак на благодарност, охриѓани на градскиот кеј пред повеќе од една деценија поставија спомен-обележје за А. ден Долард. Пред некоја година, на тоа место цвеќе положија негови најблиски роднини од Холандија, кои дојдоа во Охрид специјално за да му оддадат почит.

    Многумина во Охрид сметаат дека и првите холандски туристи пристигнале во градот пред повеќе од четири децении токму благодарение на романот „Свадбата на седумте цигани”. Оттогаш, Холанѓаните се најбројни странци на охридската ривиера.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира