Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го спореди судењето на обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 со историското судење на нацистите по завршувањето на Втората светска војна познато како Нирнбершки процес.
Мицкоски попладнево во интервјуто за вестите на ТВ Сител, зборувајќи за притворот на ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков, еден од обвинетите за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, и престојното изрекувањето на пресудите што ќе биде в петок, рече дека тоа ќе биде „Нирнбершки процес за првпат запаметен во поновата историја на Република Македонија“.
„Очекувам дека вкупната пресуда што ќе се случува во петок ќе биде над 100 години за сите тие луѓе таму. И ќе биде практично Нирнбершки процес за прв пат запаметен во поновата историја на Република Македонија. Се разбира, тоа е осветољубие и ништо друго. А од друга страна го имаме овој мафијашки пристап кога се следи лицето коешто треба да биде осудено, егзекутирано, се апси, се приведува, а основа на тоа е една службена белешка, која повеќе или помалку е симптоматична“, рече Мицкоски.
Нирнбершки процес (или Нирнбершки судења) е називот за последователните судења на истакнати членови на политичкото, военото и економското водство на Третиот рајх. Судењата биле одржани во градот Нирнберг, Германија, од 1945 до 1949, во Нирнбершката палата на правдата. Првото и најпознатото од овие судења е Судењето на главните воени злосторници на меѓународниот воен трибунал, коешто судело 24 лица од најважните заробени водачи во нацистичка Германија.
Новинарот на ТВ Сител Иван Кузмановски, кој го водеше интервјуто, не го праша Мицкоски дали и зошто смета дека судењето за 27 април е исто со она на нацистите на Нирнбершкиот процес.
Чавков е еден од обвинетите за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за нападот на Собранието на 27 април, предмет за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата во петок. Тој синоќа е притворен откако Обвинителството тоа го побара од Судот „по добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност“.
Мицкоски рече и дека притворањето на Чавков е прејудицирање на пресудата и оти има информации дека сите обвинети ќе добијат вкупно 100 години затвор. Тој не прецизираше од каде ги добил тие информации.