ЏЕЗ ПЕЈАЧКАТА СТЕФАНИЈА МИЛЕВСКА ПОСВЕТИ ПЕСНА, СПОТ И ДОКУМЕНТАРЕЦ НА ПОЧИНАТИОТ БРАТ И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

    ЏЕЗ ПЕЈАЧКАТА СТЕФАНИЈА МИЛЕВСКА ПОСВЕТИ ПЕСНА, СПОТ И ДОКУМЕНТАРЕЦ НА ПОЧИНАТИОТ БРАТ И ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТВо спотот учествуваат и лица со различен вид попреченост од Битола, Скопје и Белград

    Битолската џез пејачка Стефанија Милевска сними нова песна „Еј ти, слушај“ (Hey You, Listen) и документарен филм посветени на нејзиниот прерано починат брат, кој беше болен од целебрална парализа, и на сите лица со попреченост. Таа сними и спот за песната, во кој учествуваат лица со различен вид попреченост од Битола, Скопје и Белград, како и танчари, пејачи и изведувачи од Анастасија центар-Битола.

    „Моето растење покрај брат со церебрална парализа значеше будење со насмевка и безрезервна љубов. Како личност која има почувствувано на своја кожа што значи да имаш најблизок со некаква попреченост, добив потреба да го споделам тоа со светот. Сметам дека свесноста може да се подигнува само доколку гласно се зборува и јасно се претставува самиот проблем. Како аманет од Игор ми остана да дадам поддршка на сите млади и да ги бодрам во нивната натамошна животна борба. Силно верувам дека љубовта е заразна и дека сите луѓе ќе почнат свесно и без сожалување да ги прифаќаат лицата со попреченост и доколку има потреба, да им помагаат“, вели Стефанија.

    На фотографиите од снимените материјали можат да се видат битолчани, кои и покрај пречките со кои се соочуваат, храбро се борат во животот. Дел од нив работат сами, а некои создале и свои бизниси и успешно ги водат.

    Промоцијата на новите песна и спот се закажани за недела во 19 часот во Битола. Воедно ќе се презентира и документарниот филм „Hey You, Listen!/Behind the Scenes“ (Еј ти, слушај/Зад сцената) на тема подигнување на свеста кон лицата со попреченост и развивање на емпатија. Филмот е посветен на најстариот брат на Стефанија, Игор Милевски, кој почина на 38 години. Продукцијата е на Welcome to Stefanija’s Music World“ (Добредојдовте во музичкиот свет на Стефанија).

    Оваа дипломирана џез пејачка во свои претходни музички изведби вклучувала деца штитеници од Заводот за рехабилитација на слух и говор од Битола да ја придружуваат на знаковен јазик.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира