Советот на Општина Центар ги донесе првите ревидирани Детални урбанистички планови (ДУП) откако на 27 декември 2017 беше донесен мораториум, односно беше стопирана реализацијата на 31 план. Први планови кои се ревидирани се ДУП за Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ и Градска Четврт И02, „Ново Маало 1“.
Со измените и дополнувањата на планот „Мирче Мацан“, кој го опфаќа делот кај средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“, избришана е маркица за зграда која со претходниот план имаше висина 6 ката плус поткровје. На местото на зградата со новиот план е предвидено зеленило.
„Со измените, парцелата на гимназијата ‘Раде Јовчевски-Корчагин’ е зголемена за 12 отсто во споредба со важечкиот план. Притоа, делот од училишниот двор што ќе се одземе од источната страна заради пробивање на нова улица согласно Генералниот урбанистички план, ќе се надомести со зголемување на дворот од јужната страна. Во однос на важечкиот план, училишниот двор на гимназијата ќе се зголеми за 808 метри квадратни. На оваа површина, актуелниот план предвидуваше станбена зграда“, вели градоначаникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Во ДУП „Ново Маало 1“ на улицата Кочо Рацин, каде со претходниот план беше предвидено изградба на хотел на државно земјиште, пренаменет е целиот простор во парковско зеленило со површина од 2.900 метри квадратни.
Инвеститорите со измените на плановите се обврзуваат да имаат најмалку 20 отсто зеленило во рамки на градежна парцела, согласно Законот за урбано зеленило, како предуслов за добивање дозвола за градба. Инвеститорите се обврзуваат и потребите за паркирање да ги остварат во рамките на својата парцела, наместо како до сега 20 отсто од потребите за паркирање да ги остваруваат на јавен паркинг.
„И двата ДУП се комплетно услогласени со стандардите и условите за хумано домување. Така, кај 30 градежни парцели е направено оддалечување на градежната линија на зградите кои ќе се градат, со што ќе се обезбеди повеќе природна светлина и подобра циркулација на воздухот за идните станари на овие згради. Оддалечувањето е направено според одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а за сите парцели кои ќе се развиваат во иднина предвидени се пристапни улици“, додава Богдановиќ.
Ревидираните Детални урбанистички планови се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012 – 2022 година. Како што објаснуваат планерите кои работеа на плановите, постигнати се низа придобивки во интерес на жителите. Главен фокус е ставен на зелените површини и искористување на државното земјиште за паркови и детски игралишта, наместо за изградба на објекти.
А. АНТЕВСКА