Не се откажуваме од мораториумот за градба и ќе ги искористиме сите правни мерки, рече денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, откако вчера Уставниот суд донесе времена мерка за стопирање на мораториумот затоа што прифати да ја разгледува иницијативата за уставноста и законитоста на мораториумот, поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на севернозападна Македонија.
Богдановиќ не кажа кои правни мерки ќе ги преземат, велејќи дека тоа ќе го соопштат откако официјално ќе ја добијат одлуката на Уставен суд.
„Разочарани сме од оваа одлука. Се остава простор со времената мерка додека Уставен суд не донесе одлука инвеститорите да почнат постапки за добивање градежна дозвола. Имавме состанок со коморите, побаравме да ја повлечат иницијативата, но бевме одбиен. Спремаме други чекари, но од оправдани причини не ги соопштуваме сè уште“, рече Богдановиќ.
Градоначалникот Богдановиќ праша како може Уставен суд за оваа иницијатива да одговори во толку брз рок, додека иницијативите на Општината за уставност на планови се разгледувале и по една година.
„Бараме Уставен суд да ја преиспита одлуката. Двата плана кои ги донесовме покажаа разлика и тие целосно одговараат на потребите на граѓаните. Мораториумот беше единствениот начин да се спречи градењето по лошите планови додека ги ревидираме и направиме нови кои ќе овозможат хумано живеење“, рече Богдановиќ.
Тој рече дека мораториумот е на сила сè уште, додека не ја добијат официјално одлуката на Уставен суд.
- ПРОФИТОТ ГО ПОБЕДИ ЗДРАВЈЕТО, ВЕЛАТ НЕВЛАДИНИТЕ ПО ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД ДА ГО УКИНЕ МОРАТОРИУМОТ ВО ЦЕНТАР
- УКИНАТ МОРАТОРИУМОТ ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР ДОДЕКА УСТАВЕН СУД НЕ ОДЛУЧИ ДАЛИ Е УСТАВЕН
А. АНТЕВСКА