ПАТОТ ОХРИД-СВЕТИ НАУМ ПРЕТВОРЕН ВО ДЕПОНИЈА, СОБРАНИ 200 ВРЕЌИ ОТПАД

    ПАТОТ ОХРИД-СВЕТИ НАУМ ПРЕТВОРЕН ВО ДЕПОНИЈА, СОБРАНИ 200 ВРЕЌИ ОТПАДПоради многу ѓубре, акциите на чистење ќе траат две недели (Фото: СДК.МК)

    Магистралниот пат Охрид-Свети Наум е претворен во депонија поради што „Охридски комуналец” почна акција на чистење на патот, што треба да го одржува „Македонија пат”. Само за еден ден се собрани 200 вреќи отпад.

    „Големи количини тешко разградлив отпад, како пластична и картонска амбалажа, лименки и најлон кеси, се собрани околу паркинг-просторот кај ‘Горица 3‘, дискотеката ‘Горица 1‘ и во населбата Свети Стефан. За жал, повторно на површина испливува некултурата на поединци, кои отпадот го расфрлуваат каде ќе стигнат. Акцијата ќе трае околу две недели, бидејќи има големи површини со отпад”, вели Стефчо Маслов од „Охридски комуналец”.

    Тој кажа дека од утре ќе се чисти делот од клучката на излезот кон Струга до селото Подмоље.

    „Иако и овој дел треба да го одржува ‘Македонија пат‘, решивме сами да го исчистиме. Доаѓа големиот христијански празник Велигден, кога во Охрид се очекува да пристигнат голем број гости. Срамно е да гледаат купишта отпад на самиот влез во градот”, вели Маслов.

    Екипите на „Охридски комуналец“ започнаа акција на чистење на отпад на потегот од Хидробиолошки Завод до Свети Наум. Покрај површините покрај магистралниот пат, се расчистуваат и населените места на овој потег, Рача, Свети Стефан, Лагадин, па се` до Свети Наум, како и плажите кои не се дадени под концесија.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира