ШУМИТЕ НАЈМНОГУ СЕ ПАЛАТ ПРЕД ИЗБОРИ, ВЕЛАТ БИТОЛСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ

    ШУМИТЕ НАЈМНОГУ СЕ ПАЛАТ ПРЕД ИЗБОРИ, ВЕЛАТ БИТОЛСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИБитолските пожарникари не паметат дека во пролет имале олку интервенции за сериозни пожари во еден ден (Фото: СДК.МК)

    Во последните 15 години не се случило во еден ден Територијалната противпожарна единица од Битола да има дури осум интервенции за сериозни пожари. Така беше вчера, кога дојави за пожар имаше од девет до 20 часот. Најопасен беше пожарот кој избувна на депонијата меѓу потпелистерските села Ротино и Цапари, а потоа огнот, носен од ветерот, за малку не ги зафати моликовите стебла на Пелистер.

    Бидејќи авионите гасеа на други места, пожарот вчеравечер беше ставен под контрола со натчовечки напори на пожарникарите од Битола и Ресен и од вработените во Националниот парк, јавни претпријатија и во други институции. Истиот ден имаше пожар и од другата страна на Пелистер, кај Ниже Поле, а откако се локализираше пожарот кај Ротино, пожарникарите вечерта во 20 часот добија дојава за нов кај селото Рамна.

    „Во Ротино не се палат стрниша, знаеме дека е под Пелистер и сме претпазливи. Кој се обидува да го потпали Пелистер? Во изминатите две недели нон-стоп има чад во потпелистерието“, реагираат жителите на Ротино.

    Командирот на Противпожарната единица од Битола, Коста Поповски, вели дека сите пожари што се појавуваат во овој период се намерно запалени. Вели дека некои така ги чистат нивите, меѓите и депониите.

    Битолчани, пак, имаат забележано дека пожарите зачестуваат пред и по избори. Пожар на Пелистер имаше и на 14 април 2016, а парламентарните избори се одржаа две недели подоцна. Најголемиот пожар на Пелистер досега беше во август 2011, два месеца по парламентарните избори.

    „Не можам точно да кажам дали е така, но има таква појава. Пожар имаше дури и во Ниже Поле, кое е под снег“, вели Поповски.

    „Алармантна е ситуацијата не само во Битола, туку и во целата држава. Во последниот месец е катастрофално. Не паметиме една единица да има од пет до 10 интервенции дневно. Ако вака почна пролетта, што да очекуваме во јули и август“, велат пожарникарите.

    Од битолската полиција рекоа дека работат на расчистувањето на настаните, но во моментов немаат информации за јавноста.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира