ПРАВОТО НА ИЗБОР НА МАТИЧЕН ЛЕКАР ОСТАНУВА, ПАЦИЕНТИ ЕВЕНТУАЛНО МОЖЕ ДА СЕ ВОДАТ НА ОРДИНАЦИЈА САМО ВО РЕГИОНИ СО НЕДОСТИГ ОД ДОКТОРИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ПРАВОТО НА ИЗБОР НА МАТИЧЕН ЛЕКАР ОСТАНУВА, ПАЦИЕНТИ ЕВЕНТУАЛНО МОЖЕ ДА СЕ ВОДАТ НА ОРДИНАЦИЈА САМО ВО РЕГИОНИ СО НЕДОСТИГ ОД ДОКТОРИ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕПо завчерашните најави од Здружението на приватни лекари дека ќе излезе на протест во Скопје оти државата им ги игнорира барањата, министерот за здравство вели дека следната недела ќе разговараат за да најдат заедничко решение. - Министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Правото пациентот да избере матичен лекар ќе остане, но во регионите каде има сериозен недостиг од доктори ќе се воведе хибриден модел, вели министерот за здравство Венко Филипче.
    Тој рече дека следната недела ќе иницираат средба со Здружението на приватни лекари, за да најдат заеднички модел, бидејќи не сакаат решението да биде наметнато.

    „Сакаме да најдеме заедничко решение кое нема да биде на штета ниту на пациентите, ниту пак на лекарите. Барањето од Здружението пациентите да не се водат на лекарот, туку на ординацијата ќе значи скратување на правото на пациентот да бира свој лекар. Во одредени региони навистина има сериозен недостиг од матични лекари и таму кај што има ваков проблем сакаме да видиме дали пациентите може да се водат на ординацијата“, изјави Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тој вчера на одбележувањето на 12 годишнината од формирањето на Универзитетот во Штип Гоце Делчев рече дека во разговорите со младите лекари наишле на сериозен отпор по барањата на Здружението на приватни лекари пациентите да се водат на ординациите, бидејќи на тој начин ќе зависат од сопствениците на ординациите и нема да имаат доволно слобода да излезат сами на пазарот, да отворат свои ординации и да соберат свои пациенти.

    „Сакаме да го најдеме најдоброто решение, кое нема да биде на штета ниту на пациентите, но ниту пак младите лекари да бидат условени и по заминување од одредена ординација да ги изгубат и пациентите“, вели Филипче.

    Министерот вели дека во однос на барањата на Здружението на приватните лекари за зголемување на капитацијата и вредносниот бод по кој се плаќаат избраните лекари со Фондот за здравствено осигурување веќе се договориле тоа прашање да се решава во 2020 година.

    Завчера Здружението на приватни лекари најави дека ќе излезат на протестен марш во Скопје, бидејќи државата им ги игнорира барањата и дека се одлучиле на ваков потег по случајот со колешката од Виница која остана без капитација. Здружението на приватни лекари кажа дека сѐ уште не го утврдиле датумот на протестниот марш. Лекарската комора вчера побара итно да се најде решение за лекарката која остана без плата и здравствено осигурување, бидејќи останала без медицинска сестра и натаму да се најде системско решение, бидејќи за неколку години и други лекари ќе се соочат со сличен проблем поради недостиг од медицински сестри.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира