Претседателската кампања официјално почнува денеска.
Кандидатот на СДСМ и ДУИ Стево Пендаровски ќе ја започне кампањата со митинг во Прилеп. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова тргнува од Охрид, а Блерим Река, кандидатот на Алијансата на Албанците и Беса првиот митинг ќе го одржи во Скопје.
Тројцата кандидати вчера во Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа кодекс за фер кампања.
„Немам никакви дилеми дека ние тројцата ќе направиме се да останеме во рамки на една демократска борба каква што прилега на една држава што е де факто членка на НАТО и очекувам наскоро да стане и членка на ЕУ“, рече Пендаровски, потпишувајќи го кодексот.
„Соучесниците на изборите не ги сметам за непријатели, а нам жените не ни приличи да не ја почитуваме етиката. Иако сум жена очекувам витешка борба со аргументи, а не со византиски игри и се надевам дека последниот збор ќе го имаат граѓаните“, изјави Силјановска – Давкова.
„Влегуваме во едно ново искушение за државата и мислам дека не е главно кој ќе победи, туку е важно резултатот да биде законски и регуларен и со тоа да обезбедиме датум за почеток на преговори со Европската унија“, рече Блерим Река.