Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на митингот во Охрид на стартот од изборната кампања кажа дека ако биде избрана нема да може да веднаш да го смени името Северна Македонија, но дека ќе дојдат одговорен претседател, одговорен парламент и нов состав на Уставниот суд и со една уставна промена ќе го заштитат името со клаузула за непроменливост.
„Ме прашуваат зошто велам дека името е отворено прашање. Во 21. век тажно е пак да се отвора македонското прашање, но не велам дека ако ме изберете веднаш ќе го сменам името, тоа е невозможно. Сепак, сигурна сум дека ова име ниту има корен, ниту може да има иднина. Ќе дојде одговорен претседател, ќе дојде одговорен парламент што ќе ја почитува опозицијата и државнички ќе се однесува, ќе дојде нов состав на Уставен суд што ќе го брани уставот. Тогаш ние еден ден со една уставна промена, важна, ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост“, рече Силјановска Давкова.
Таа рече и дека меѓународните договори ги склучува претседателот во името на Република Македонија, а не министерот за надворешни, кој, како што кажа таа, не е овластен да потпишува промена на името.
„Преспанскиот договор е надвор од задолжителното меѓународно право, но и од националното право“, кажа Силјановска Давкова.
Претседателските избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај.