ОБСЕ/ОДИХР РЕГИСТРИРАШЕ ЗАПЛАШУВАЊЕ НА ГЛАСАЧИ, НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ДИК И НЕБАЛАНСИРАНО ИЗВЕСТУВАЊЕ НА МЕДИУМИТЕ

a:1:{s:16:"td_post_template";s:19:"single_template_USA

    ОБСЕ/ОДИХР РЕГИСТРИРАШЕ ЗАПЛАШУВАЊЕ НА ГЛАСАЧИ, НЕТРАНСПАРЕНТНОСТ НА ДИК И НЕБАЛАНСИРАНО ИЗВЕСТУВАЊЕ НА МЕДИУМИТЕ

    Веродостојни обвинувања за заплашување на гласачи, недоволно транспарентно работење на ДИК, комплексен процес на ажурирање на избирачкиот список и небалансирано известување на дел од медиумите, забележа во својот финален извештај Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, којашто беше ангажирана за откажаните предвремени избори на 5 јуни.
    Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР почна со работа на 31 март и беше прекината на 1 јуни по откажувањето на изборите, откако од четирите потписници на Договорот од Пржино, само една од владејачките партии поднесе кандидатски листи. Мисијата проценува дали изборниот процес и активностите спроведени до тој датум се во согласност со обврските на ОБСЕ, други меѓународни обврски и стандарди за демократски избори и со домашната легислатива.
    Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ги мониторираше политичкиот контекст, правната рамка, изборниот систем, регистрацијата на гласачите, финансирањето на кампањата и медиумите.
    Во извештајот се забележани кредибилни обвинувања за притисок врз гласачите, коишто покренуваат прашања околу правото на слободен избор.
    „Иако беа преземени некои мерки да се спречи заплашување и притисок врз граѓаните, клима на страв беше често наведувана од многу соговорници на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Неколкумина од нив го припишуваа тоа на страв од одмазда, којашто постои во државните компании и институции. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР прими кредибилни тврдења за притисок врз вработените во јавниот сектор да присуствуваат на контрадемонтстрации, вклучувајќи закани за отказ. Ова покрена прашања околу правото на гласачите слободно да го дадат својот глас без страв од одмазда“, се вели во извештајот.
    Кај работата на Државната изборна комисија се забележува намалена транспарентност поради затворените официјални состаноци и работни сесии и необјавувањето на дел од одлуките на нејзиниот интернет сајт.
    „ДИК работеше во многу тензична околина и под критики од опозицијата и многу граѓански организација, коишто беа против одржување на изборите на 5 јуни. Таа успеа да ги исполни административните крајни рокови и одржуваше редовни состаноци. И покрај правната обврска состаноците да бидат јавни, ДИК одржа две затворени официјални сесии и, исто така, редовно одржуваше `работни сесии` затворени за јавноста. Нејзините одлуки не беа систематски објавувани на нејзиниот интернет сајт, намалувајќи ја транспарентноста на нејзината работа. Дополнително, сесиите на ДИК беа бојкотирани од двајцата членови од опозцијата“, се наведува во извештајот.
    Процесот на ажурирање на избирачкиот список се покажал како комплексен, методолошки предизвикувачки и бара многу ресурси.
    „Актуелниот систем за регистрација на гласачите, базиран на единствен матичен број може да осигура прецизност на гласачките лисите и обезбедува доволна заштита против измама и двојна регистрација, ако се имплементира конзистентно и исправно. Додека ДИК направи значителни напори навремено да го спроведе aжурирањето на избирачкиот список со споредбено проверување на датабазите и теренските проверки, процесот се покажа како комлексен и методолошки предизвикувачки и бараше големи ресурси. Процесот беше критикуван од соговорниците на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР дека е хаотичен, методолошки неоснован и на моменти неадекватен да одговори на претходните обвинувања за измама“,
    Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР е нотирано дека новинарите на јавниот радиодифузен сервис во неколку случаи мешале факти со нивните политички убедувања.
    „Мониторирањето на медиумите од Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР укажа дека извештаите на МРТ-1 овозможуваa ограничено информирање за политичките настани и избегнуваa сеопфатно известување во нивното дневно покривање на вестите. Во неколку случаи, новинарите на МРТ-1 мешаа факти со нивните политички убедувања, додека ги покриваа вестите. Најпопуларните приватни ТВ станици, Сител и Канал 5, заедно со Алфа, покажаа унифициран пристап во покривањето на вестите, ексклузивно позитивен и неутрален кон владејачката партија и негативен кон главната опозициска партија. Телма и кабелската 24 Вести обезбедија побалансирано и длабинско покривање на вестите“, забележано е во извештајот.
    Финалниот извештај на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР завршува со препораки, од кои приоритетни се комплетен преглед на избирачкиот список, поголема транспарентност на Државната изборна комисија, координиран напор на ДИК и МВР за ажурирање на избирачкиот список и транспарентна и недискриминирачка распределба на државните реклами.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира