Во Градскиот парк во Скопје се одржа отворен ден на Армијата за граѓаните, организиран по повод Неделата на НАТО.
На отворениот ден, припадниците на Полкот за специјални операции, пред граѓаните прикажаа дел од своите боречки вештини, гардистите ја изведоа точката Егзерцир, а воениот оркестар изведе неколку композиции. Своите вештини ги покажаа и припадниците на Единицата за специјални задачи на Министерството за внатрешни работи, а хеликоптер на Армијата изврши прелет над Градскиот парк.
На посебни штандови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ ги претстави своите програми и можностите за студирање на Академијата.
Во рамки на настанот, беа прогласени трите најдобри есеи на тема „НАТО и ти“, кои ќе бидат наградени со студиско патување во седиштето на Алијансата, во Брисел. Беа прогласени и победниците на вчерашната Атлетска трка, која се одржа на кејот на реката Вардар.