Владата соопшти дека на денешната седница ја разгледала и усвоила информацијата да се ослободат од партиципација за лекување повредените патници од автобуската несреќа кај Ласкарци, која се случи на 13 февруари годинава.
Во автобуската несреќа уште истиот ден загинаа 15 лица, а по месец и половина лекување на скопските клиники почина уште една од повредените патнички.
„Владата ја разгледа и усвои Информацијата за ослободување од обврската за плаќање на учество, односно партиципација при користење на здравствените услуги од страна на повредените патници во сообраќајната несреќа која се случи на патот Скопје -Тетово, кај селото Ласкарци, во знак на солидарност и сочувство со фамилиите на починатите и повредените“, соопшти Владата.
Ова минатата недела го најави министерот за здравство Венко Филипче при одбележувањето на Светскиот ден на здравјето 7 април, кој рече дека освен ослободување од партиципација на преживеаните патници од несреќата кај Ласкарци по изборите ќе ги наградат и лекарите и медицинските тимови кои ги лекуваа повредените во несреќата. Тој рече дека веќе одредиле ставки од буџетот на министерството од кои ќе се прераспределат пари за оваа намена и дека работат на тоа да обезбедат средства за покривање на партиципацијата за лекување на повредените.
Исплатата на наградите за лекарите и покривањето на партиципацијата за повредените, како што кажа министерот минатата недела ќе се случи по изборите, бидејќи по консултациите со секретаријатот за законодавство им било кажано дека за време на изборите не може да вршат пренамена на средства.
Од автобусот кој се преврте кај Ласкарци со 50 патници, повеќето беа повредени и беа лекувани во Градската општа болница „8 Септември“, на скопските клиники, во болниците во Тетово и Куманово, а во пружање на прва помош на местото на несреќата освен екипите на Итната медицинска помош учествуваа и возила од приватните болници Систина и Неуромедика.
Е. БОЧВАРОСКА