Во вториот круг на претседателските избори на 5 мај одат кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова. Пендаровски победи во првиот круг со 4.500 гласа разлика, според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија по преброени 99,95% од гласовите.
Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски има 323.783 (42,84%) гласови, додека Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ има 319.201 (42,24%), Блерим Река има 79.913 (10,57%). Неважечки ливчиња има 32.825 (4,34%).
По гласањето, Пендаровски кажа дека е задоволен од резултатот во првиот круг, а во вториот круг е уверен во поголема поддршка.
„Ова се добри резултати имајќи предвид што и се случи на земјава изминативе две година. Пред само две години имавме државен удар кога бевме нападнати во Собранието. Оттогаш ние успеавме да го решиме спорот со Грција за кој никој не веруваше и да го затвориме Рамковниот договор. Очекувам гласови од оние кои денес гласаа за Блерим Река оти ние нудиме концепт Едно општество за сите, а мојот противкандидат Силјановска само за Македонците“, кажа Пендаровски.
Силјановска-Давкова рече дека на оваа земја ѝ треба нов профил на политичар и нова политичка култура.
„Со нашиот број гласови и на господинот Река, приказната на СДСМ е готова. Нашите тези се на линија на консолидација и на линија на веќе излитената парола Нема правда, нема мир, зашто правда нема во Македонија“, рече Силјановска-Давкова.
Вчера на изборите излегоа 41,81% од гласачите. За да биде успешен вториот круг, потребно е да излезат 40% од избирачите, а тоа се 723.252 гласачи.
М. ИЛИОСКИ