ДОБРЕДОЈДЕ ГОРАНЕ, НЕ СЕ ПЛАШИ, СИТЕ ТЕ САКАМЕ – СЕМЕЈСТВОТО НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ НАСАДИ ЧИНАР ВО НЕГОВ СПОМЕН ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО

Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане!

    ДОБРЕДОЈДЕ ГОРАНЕ, НЕ СЕ ПЛАШИ, СИТЕ ТЕ САКАМЕ – СЕМЕЈСТВОТО НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ НАСАДИ ЧИНАР ВО НЕГОВ СПОМЕН ВО СКОПСКО ДЕБАР МААЛО„Ти си син, немој да си мислиш дека поради тоа што јас лежам нешто се сменило, ама уште поважно, ни даде до знаење на сите нас дека се е океј. Дека можеби работите се точно како што треба да бидат и дека буквално не треба да се плашиме за него“, рече синот на починатиот драматург Горан Стефановски, Игор и го гушна чинарот (Фото:К. Попов)

    Патриша, Игор и Јана Стефановски, Влатко Стефановски, семејството на еден од најголемите македонски драматурзи Горан Стефановски, денес во неговото омилено скопско Дебар Маало со пијалок в рака, со сеќавања, анегдоти, го прославија неговиот 67 роденден. Тој е роден 1952 година во Битола.

    Стефановски почина лани во ноември во Кентербери, Велика Британија каде живееше повеќе од две децении.

    Ќерката и сопругата на Горан Стефановски, Јана и Патриша (Фото: K. Попов)

    Со анегдоти, со смеа, солзи, и под чадори оти едно време заврна, граѓаните два часа слушаа негови интервјуа, извадоци од неговите драми „Огнени јазици“ и „Демонот од Дебар Маало“ и ги слушаа песните од неговата последна плејлиста.

    Неговиот син Игор, облечен во маичка со „Битлси“, омилениот бенд на Горан, во ист хумор и стил како неговиот татко, му се обрати на чинарот, кој пред 10 дена е засаден во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“.

    „Тоа дрво е поставено во спомен на Горан Стефановски. Тоа дрво само што си го започна животот тука на ова место, насилно за жал го извадивме од својот дом и го донесовме тука, за Горан. Еден живот згасна, ама тука еве друг започнува. Предлагам да го викаме Горан, или Горанчо нагалено, додека да не порасне, па ајде да му кажеме: Здраво Горане. Добредојде дрво. Се надевам дека тука ќе ти биде убаво, дека ќе пуштиш длабок корен и дека ќе бидеш среќно. Еве ние во овие два часа ќе ти праќаме позитивна енергија, за да знаеш дека нема потреба за страв и дека те сакаме. Да наздравиме. За многу години“, рече Игор, по што ја пуштија музиката од култната ТВ-серија „Бушава азбука“, за која тој рече дека е убедливо најдобрата песна напишана на македонски јазик.

    Братот на Горан Стефановски, гитаристот Влатко Стефановски со неговиот син Јан (Фото: К. Попов)

    Игор сподели интимен момент, од последните денови на неговиот татко Горан в болница.

    „Ноќта кога дојде во болница, ни рекоа дека можеби нема да ја преживее ноќта. Ние се збогувавме, тој беше во една полусвесна ситуација. Се збогувавме, плачевме. И другиот ден се буди човекот. И гладен, му се јаде. Јадеше чили кон карне, во не знам колку саат сабајле. Ние тројцата сме со него, се наоѓаме во болница, тој е полусвесен. И јас, со мојата англиска структура на македонскиот јазик го прашувам: Имаш ли болка? И тој, со полузатворени очи ми одговара: Не се вика така, се вика те боли нешто? И јас му одговарам: Добро, добро, ок. Те боли нешто, го прашувам? Мислам дека знаете што одговори. Една машка именка на К. И сега се разбира, сите од плачење почнавте да се смеете. Тој сакаше да ми каже кој е кој во семејството. Ти си син, немој да си мислиш дека поради тоа што јас лежам нешто се сменило, ама уште поважно, ни даде до знаење на сите нас дека се е океј. Дека можеби работите се точно како што треба да бидат и дека буквално не треба да се плашиме за него“, рече неговиот син Игор.

    Тој продолжи дека една од работите што ги научил од татко му, е дека макотрпна работа е секогаш поважна од вроден талент. „Секој нов проект му висеше на глава. Тој беше дисциплиниран во работата. Ќе се разбудеше и знаеше да работи. Не беше само талент. И уште една работа. Многу беше дисциплиниран кога работаше. Во сѐ. Од чување сметки, до рутини што ги имаше со години. Особено кога работеше. Над неговата маса во Кентербери имаше рачно напишана порака на едно парче хартија. ‘Пишувањето е лесно, само зјапај во празна страница додека не ти прокрвари челото“, рече Игор.

    Театарските доајдени, актерката Милица Стојанова и театрологот и чичко на Горан, Ристе Стефановски (Фото: K. Попов)

    Претседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева објави дека на метална клупа, во човечка големина ќе биде излиена неговата фигура како седи на клупата и на неа ќе има место за секој што сака да седне.

    „Ќе ги искористам неговите зборови за сите нас како што Горан пишуваше во историската чекална ставени во тесен калап но сепак, какви такви, обилни смртници што живееме тука да си најдеме простор за малку обични радости, за кафе, за боза, за муабет подолг од три реченици, за муабет со себе, со сите со оган во срцето и пламен во главата, за сите со пркос, гнев, бунт, глас за правда и слобода. Да ни биде катче каде што нема да сме потиснати од секојдневнито, да биде една клупа и едно катче за вдишување и издишување покрај Горан, за да ни биде место каде што ќе ги забележиме и цвеќињата и ќе ги видиме дрвата и ќе го вдишеме воздухот околу нас. Ова ќе биде една клупа за љубов, за живот, за слава на животот, за слава на Горан и негово вечно сеќавање“, рече Белчева.

    Актерот Јовица Михаловски играше во сите драми на Стефановски, а со Синоличка Трпкова глумеа и во култната „Бушава азбука“ (Фото: K. Попов)

    Професорката на Факултетот за драмски уметности, Синоличка Трпкова-Меллес говореше за работатат на „Бушав буквар“, вториот дел од „Бушава азбука“. Горан ги создал нацртот и првата верзија од 15-те епизоди.

    „Оваа азбука е азбука на љубовта, овие ликови се ликови исцртани со љубов и топлина, рече Горан на една од нашите средби додека зборувавме за вториот дел од ‚Бушава азбука’. Овој негов последен проект го нарече ‚Бушав буквар‚ и ни остави аманет тој буквар да го завршиме, заради него, и заради нас. Лани есента кога бев во Небрегово во куќата на Блаже Конески, ги разменивме последните текст пораки и фотографии. Тој секогаш ми испраќаше фотографии што зборуваа повеќе од текстови, реплики и пораки. Тој, Патриша и внучето со сина цуцла како пеперутка, прегрнати и стопени во едно. Неговото внуче како негова ѕвезда водилка. Можев да насетам зошто го пишува букварот и се топи од милина“, рече актерката.

    Еднаш, додека работевме, Горан, полн со ентузијазам, и со искри во очите и со изблик на дете, рече: ‘А што ако не успееме да го реализираме. Па добро бе Унко, барем правиме за нас, со ќеф , со љубов’, потоа се насмеа повеќе за себе и додаде ‚Бог да чува, кој би рекол дека денес ќе седам овде со буквариве до мене и ќе пишувам нова Бушава азбука’. Во втората половина на Букварот, што сега ја работиме без него, тој е уште повеќе присутен, со својот аманет и дух“, рече професорката и актерка.

    Режисерот Слободан Унковски, најблизок соработник на Стефановски (Фото: K. Попов)

    За време на целиот настан, на калдрмите во Дебар Маало, протрчуваа внучињата на Горан, се качуваа на бината, и немаше кој не сакаше да ги поздрави или погали.

    „Фалиш Горане, да видиш како денеска со солзи го слушаме твоето писмо до Калина. Само да можеше да видиш како денес внуците ти трчаат низ Дебар Маало“, рече една госпоѓа на отворениот микрофон.

    На крајот од церемонијата, синот Игор го прегрна чинарот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира