Скулпторката Гордана Хаџи-Николова Малашев почина денес на 43 години во родниот град Гевгелија, соопшти Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Таа е годинашната добитничка на наградата за современа скулптура „Академик Боро Митриќески“, за делото „Сѐ уште жив“ на изложбата насловена „Современа скулптура“, која во април годинава беше отворена во галеријата на МКЦ.
„Делата на Гордана Хаџи-Николова Малашев скриени длабоко некаде во нејзината потсвест излегуваат од ударот на нејзиното длето во својата најчиста и најискрена форма со едноставни, мирни и чисти површини. Од подножјето на парчето дрво, обработено со длето, се ослободува фигурата која со својата совршена површина остава впечаток како да се лизнало од грубата материја и се престорило во смисла на зборот во ’раѓање на формата’“, велат од ДЛУМ.
Хаџи-Николова Малашев е дипломец на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ) во 2000, отсек вајарство во класата на професорот Драган Попоски-Дада, а во неговата класа и магистрира во 2003. Работела како виш конзерватор во Музејот во Гевгелија. Била член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ од 2000 на ДЛУГ – Друштво на ликовни уметници на Гевгелија од 2004 и на ДЛУБ – Друштво на ликовни уметници на Битола од 2009.
Учествувала на работилница за конзервација и реставрација на класичен и современ мозаик во Струмица, под водство на професорот Паоло Ракањи и академик Газанфер Бајрам, на Школа за конзервација и заштита на културно наследство во Охрид, на Меѓународна научна конференција „Од сетилата кон визуелното“, „Плурализмот во уметноста“ во Велико Трново, Бугарија и други.
Својата прва изложба „Моите ликови“ ја поставила во 2001 година во Младинскиот културен центар (МКЦ), по што следат повеќе изложби во Штип, Струмица, Прилеп.
Б. НЕСТОРОСКА