МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА НЕ ВАЖИ ЗА „БЕКО“, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР ВЕЛИ ДЕКА НЕ СЕ ГРАДИ, АМА ИЗЛЕГЛА ВОДА ПА СЕ САНИРА

    МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА НЕ ВАЖИ ЗА „БЕКО“, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР ВЕЛИ ДЕКА НЕ СЕ ГРАДИ, АМА ИЗЛЕГЛА ВОДА ПА СЕ САНИРАДенеска во градилиштето дваесетина работници поставуваа арматура за столбовите на новата зграда. (Фото: К.Попов)

    На зградата на поранешно „Беко“ во Скопје секој ден се изведуваат градежни работи, иако на сила е мораториумот за градба во општина Центар. Жителите на околните згради велат дека на местото на урнатата зграда, преку цел ден до доца навечер, дури и за време на викенд се гради.

    „Немаме мир. Се гради и за викенд. Во неделата почнаа со работа во 5 часот наутро. Цел ден работат и еве, се’ уште, во 20 часот навечер, во недела. Повеќе пати бевме во полиција, ама оттаму само креваат раменици, очигледно немоќни да направат што било“, велат станари на околните згради кои се јавија во редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Денеска во градилиштето дваесетина работници поставуваа арматура за столбовите на новата зграда. Покрај градежните работи, цедната лента од улица пред градилиштето е блокирана од градежни материјали. На улицата постојано има паркирани камиони од кои се вадат армаатури, шипки и други градежни матријали. Освен тоа среде улица има и импровизирана шахта, најверојатно за да се покрие некоја дупка од која возачи кои се јавија во нашата редакција тврдат дека ги искинале гумите на колите.

    Улицата е блокирана од камиони, арматури, шипки и други градежни матријали. (Фото: К.Попов)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ тврди дека мораторумот за градба важи и за објектот на поранешно „Беко“ и дека општината нема дадено дадено одобрени за градба. Тој вели дека се санираат одредени проблеми кои се појавиле при уривањето на претходниот објект.

    „Мораториумот важи и за овој објект. Направивме контрола на терен и утврдено е дека на сопственикот му се појавило вода и сега се интервенира за да не се поплави. Инвеститорот знае дека не може да гради додека е на сила мораториумот за градба“, вели Богдановиќ.

    Зградата на поранешно „Беко“ почна да се урива лани во март. Инвеститорот тврдеше дека била нарушена статиката.

    „Инвеститорот добил дозвола од претходното раководство за доградба и надградба. Но во текот на надградбата му било речено дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата. Затоа побара дозвола за уривање, за одново да го гради објектот. На состанок со инвеститорот му кажав дека се врши ревизија на сите планови и дека се намалуваат висините на дел од објектите. Каква дозвола ќе добие, ќе видиме кога ќе заврши ревизијата на планот. Дотогаш нема да може да добие дозвола за градба оти на сила е мораториумот“, рече лани градоначалникот Богдановиќ.

    Авторката на проектот на старата стоковна куќа „Беко“ 90-годишната архитектка Мимоза Несторова-Томиќ, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија пред еден месец за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.

    „Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи.“, реагира Несторова-Томиќ.

    Модната куќа „Беко“ е изградена 1972 година. Во 1998 ја преземаа Тајванците, а потоа беше продадена на локален бизнисмен.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира