Австрискиот вицепремиер и лидер на крајната десница Хајнц-Кристијан Штрахе даде оставка откако беше објавено тајно видео во кое тој нуди владини тендери во замена за политичка поддршка на жена која лажно се претставува за руски донатор. Штрахе рече дека му ја понудил оставката на премиерот Себастијан Курц за да се спречи паѓање на владината коалиција меѓу конзервативната Народна партија на Курц и неговата крајнодесничарска Партија на слободата.
Иако инсистираше дека не прекршил закон, Штрахе ја призна „исклучително срамната, пијана работа“, во која тој нуди државни инфраструктурни договори на жена која се претставува за богат потенцијален донатор од Русија, додека биле на одмор во Ибица во јули 2017.
Германскиот неделник „Шпигел“ и дневниот „Зидојче цајтунг“ вчера го објавија видеото на нивните вебстрани. Весниците велат дека скриена камера го снимала состанокот во луксузна вила во Ибица во јули 2017, неколку месеци пред парламентарните избори на кои партиите на Курц и Штрахе дојдоа на власт.
Снимката покажува како Штрахе, кој стана лидер на партијата во 2005, и шефот на неговата парламентарна група Јохан Гауденус зборуваат со жена која вели дека е внука на руски олигарх за тоа како таа може да инвестира во Австрија.
Жената вели дека сака да има контрола над австрискиот најтиражен дневен весник „Кронен цајтунг“, на што Штрахе одговара дека со промени на вработените во весникот може да се помогне на изборната кампања на неговата партија. Штрахе исто така и кажува на жената дека по промена на власта таа ќе има пристап и до државните тендери.
Во видеото, Штрахе, чиј прв лидер на партијата беше поранешен нацистички Ес-Ес офицер, вели и дека делумно треба да се приватизира јавниот сервис на Австрија и дека тој треба да биде повеќе провладин, како државите медиуми во Унгарија.
Обата весника велат дека немаат јасна и потврдена информација за тоа кој ја наместил снимената операција.
Штрахе им се извини на сопругата и на приврзаниците за она што го нарече „мачо однесување подмачкано со алкохол делумно со намера да се импресионира атрактивна жена“, која што глуми донатор за време на 6-часовата средба.
„Се однесував како тинејџер“, рече тој.
Не е јасно кој ја наместил стапицата и кој го снимал видеото. Штрахе ги обвини „криминалните мрежи“, а рече дека инцидентот бил „таргетиран политички напад“ на австриската десничарска влада.