ИЗМАМЕНИТЕ КУПУВАЧИ ОД „НЕФА МЕБЕЛ“ ДА ПРИЈАВАТ ВО ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ И ДА ТУЖАТ, ОБЕШТЕТУВАЊЕТО Е НЕИЗВЕСНО

    ИЗМАМЕНИТЕ КУПУВАЧИ ОД „НЕФА МЕБЕЛ“ ДА ПРИЈАВАТ ВО ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ И ДА ТУЖАТ, ОБЕШТЕТУВАЊЕТО Е НЕИЗВЕСНОВикендов по пријави од измамените купувачи, двајца инспектори од Државниот пазарен инспекторат излегле на терен, а од утре во Централен регистер ќе бараат информации за сопственоста на фирмата; - Клиентка која не го добила платениот мебел вчера наиде на затворена врата во продавницата на „Нефа мебел“ во Струмица (Фото: СДК.МК)

    Измамените купуачи кои останаа без платените нарачки откако српско-руската фирма „Нефа мебел“ во четврткот без најава ги затвори сите продавници во Србија и Македонија, треба да се обратат до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) сосе договорите за купопродажба и фискалните сметки за уплатата, а Инспекторатот да им одговори дали е во можност да интервенира, советува Организацијата на потрошувачи (ОПМ). Од ОМП велат дека оштетените треба и да ја тужат „Нефа мебел“ бидејќи не ја исполнила обврската од купопродажниот договор.

    Од ДПИ велат дека по пријавите од измамените купувачи, викендов беа излезени двајца инспектори на терен, а од утре во Централен регистер ќе бараат информации за сопственоста. И во МВР викендов добиле неколку пријави од измамени купувачи во Скопје и Тетово.

    „Од крајот на март имав нарачано гарнитура која чини 20 илјади денари. Платено е во готово со договор со сè. Договорот за испорака беше 30 работни денови. Чекавме, ама ја слушнавме веста и дојдовме да видиме што се случува и очекувано, наидовме на затворени врати. Намерно дојдов да проверам, оти ѕвонев на сите броеви што ги имавме. Сите броеви се недостапни. Ова е катастрофа“, ни рече Роскана Петковска-Божинова пред затворената продавница на „Нефа мебел“ во Струмица.

    Македонската фирма „Нефа мебел Македонија“ е регистриран даночен обврзник во УЈП, според Централен регистер сопственик е српската фирма „Холодекс“ со седиште во Белград. Во Скопје просториите на фирмата се во зградата спроти Сити мол, но ниеден број ни на фирмата ни на продавниците не работи. „Нефа мебел“ во Македонија има десетина продавници низ целата земја, 3 во Скопје – во Сити мол, Капитол Мол и ГТЦ, и во Велес, Гостивар, Прилеп, Битола, Тетово, Струмица.

    Руската компанија „Спилит“ која го произведува мебелот што го продава „Нефа“, пред 4 дена преку ноќ побегна од Врање и Самобор и остави долгови и 550 работници без работа во фабриката и 34-те продавници низ Србија, а српскиот менаџмент никако не може да стапи во контакт со рускиот менаџмент. Српските медиуми велат дека според податоците на српската Агенција за стопански регистри, 49 отсто од „Спилит“ е сопствениост на белградски „Холодекс“, а 51 отсто на рускиот партнер „ООО Корољ Диванов“, додека „Холодекс“ е стопроцентен сопственик на „Нефа мебел“. Зад обете фирми стои рускиот бизнисмен Андреј Ходашевич, сопственик на две големи фабрики за мебел во Русија, „Много мебел“ и „Корол Диванов“. Доказ дека двете компании се поврзани е фактот оти веднаш штом „Спилит“ заминал од Врање, интернет и фејсбук страниците на „Нефа мебел“ во Србија и во Македонија се изгасени.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира