ВО ТИМОТ НА РЕТКИ БОЛЕСТИ 70 ГРАЃАНИ ЌЕ ТРЧААТ НА СПОРТСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „ОХРИД ТРЧАТ“

    ВО ТИМОТ НА РЕТКИ БОЛЕСТИ 70 ГРАЃАНИ ЌЕ ТРЧААТ НА СПОРТСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА „ОХРИД ТРЧАТ“На штандот на тимот за ретки болести граѓаните ќе можат да се запишат во регистарот за дарување коскена срцевина, каде ќе биде присутен тим од Клиниката за хематологија и Институтот за имунологија (Фото: Фејсбук)

    На спортската манифестација „Охрид трчаТ“, која ќе се одржи на 2 јуни во Охрид, во тимот за поддршка на лицата со ретки болести се пријавиле околу 70 граѓани.

    Гордана Лолеска, активистка од здружението „Живот со предизвици“, вели дека годинашната кампања се реализира под мотото „Бидете дел од најголемиот тим билдинг – Лица со ретки болести“ и дека со неа годинава сакаат да им се помогне на лицата кои имаат ретка болест, а за кои досега во светот не е откриен лек.

    „Додека се истражуваат лекови, единствен начин да им се помогне на семејствата кои се соочуваат со дијагнози е да се обезбедат социјални услуги и вклучување во сите сфери на животот. Трчаме за подобри услови за овие луѓе“, вели Лолеска.

    Во светот има 8.000 ретки болести, а само за пет отсто од нив постои некаква терапија. Во здружението „Живот со предизвици“ има семејства со над 90 различни дијагнози.

    Во рамките на манифестацијата, на штандот на лицата со ретки болести ќе биде и тим од Клиниката за хематологија и од Институтот за имунологија, кадешто граѓаните ќе можат да се запишат во Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.

    „Ќе бидат обезбедени услови за дарување на една епрувета крв или пет милилитри, кои се доволни за да се направи ХЛА типизација. Со овој гест ќе станете дел од глобалното семејство кое брои над триесет милиони доброволни дарители на коскена срцевина во светот“, соопшти Клиниката за хематологија.

    Во тек е националната кампања „Биди срцевина, биди херој“, која ја спроведува Клиниката за хематологија во соработка со Институтот за имунологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, а со поддршка од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира