ТРАЈКО, МИЛЕ, СПИРЕ И ВЛАДИМИР АТАНАСОВСКИ СЕ ОБВИНЕТИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ, ГРУЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ОБВИНЕТ КОГА ЌЕ БИДЕ УАПСЕН

    ТРАЈКО, МИЛЕ, СПИРЕ И ВЛАДИМИР АТАНАСОВСКИ СЕ ОБВИНЕТИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО НА 27 АПРИЛ, ГРУЕВСКИ ЌЕ БИДЕ ОБВИНЕТ КОГА ЌЕ БИДЕ УАПСЕНТрајко Вељаноски судењето ќе го дочека и ќе го тера слободен, бидејќи Собранието не му го одзеде имунитет. Всушност, не се ни гласаше за него, спикерот Талат Џафери остави да истече рокот за гласањето на седницата за имунитетот. - Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Никола Груевски, Спире Ристовски (Фото:СДК.МК)

    Вилма Рускоска, шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, до Кривичниот суд поднесе обвинение против поранешниот претседател на Собранието трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски и против поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, околу организација на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

    За две лица, избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски – Боксер од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.

    Рускоска утврдила дека обвинетите, на почетокот на 2017 година, по неуспешните преговори за формирање Влада на Република Македонија, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата, подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

    „За таа цел, обвинетите ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето ’За заедничка Македонија‘ што кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април 2017 година. Обвинетите, како организатори, ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, притоа овозможиле и континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите и на зградата на Собранието“, прецизно се наведува во обвинението против четворицата.

    Критичниот ден тие организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија, вели Обвинителството и не ја истакнува партијата, двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на таа партија од Скопје и од другите градови, во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието. Тие знаеле однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети.

    „Во исто време, еден од осомничените (Никола Бошкоски – Боксер н.з.), за кого постапката е прекината поради недостапност, со возило, сопственост на Управата за безбедност и контраразузнавање, во непосредна близина на Градската болница, спроти паркот „Жена Борец“ донел огнено оружје и панцирни елеци наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието да ги извадат хард дисковите од собраниските камери. Со сите овие усогласени и поврзани дејствија и активности обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди“, се наведува во обвинението.

    Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска на Спире Ристовски и Владимир Атанасовски мерката притвор им ја замени со мерка куќен притвор, а на Миле Јанакиески мерката куќен притвор му ја продолжи за 30 дена.
    Од Кривичниот суд додаваат дека обвинителниот акт ќе биде распореден согласно АКМИС системот на Совет за оценка на обвинителен акт.

    Трајко Вељаноски судењето ќе го дочека и ќе го тера слободен, бидејќи Собранието не му го одзеде имунитет. Всушност, не се ни гласаше за него, спикерот Талат Џафери остави да истече рокот за гласањето на седницата за имунитетот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира