ИЗБЕГАНИОТ ОСУДЕН ПРАТЕНИК ГРУЕВСКИ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ПИСМОТО МОЖЕ ДА ГО ДОСТАВИ И НЕГОВ КОЛЕГА

    ИЗБЕГАНИОТ ОСУДЕН ПРАТЕНИК ГРУЕВСКИ НАЈАВИ ДЕКА ЌЕ СИ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, ПИСМОТО МОЖЕ ДА ГО ДОСТАВИ И НЕГОВ КОЛЕГАЗа Груевски има мерки притвор од предметите на СЈО против него, но и интерна потерница за апсење како осомничен организатор и нарачател на нападот на Собранието на 27 април 2017. - Од собраниска седница кога се донесуваше законот за јазиците (Фото: Ѓ. Личовски)

    Осудениот пратеник Никола Груевски кој ужива азил во Унгарија, на Фејсбук најави дека самиот ќе си поднесе оставка. Напишал дека следните денови за таа одлука и формално-правно ќе го извести Собранието.

    Иако член 65 од Уставот вели дека пратеник може да поднесе оставка до Собранието и оставката ја поднесува лично, сепак бегалецот ќе мора писмено да го извести претседателот на Собранието Талат Џафери, бидејќи тој ако влезе на територијата на државава, ќе биде уапсен.

    За Груевски има мерки притвор од предметите на СЈО против него, но и интерна потерница за апсење како осомничен организатор и нарачател на нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

    Евентуалното писмено известување дека се повлекува од пратеничката функција може да го достави до Џафери друг пратеник.

    Во ваков случај, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Собранието, кога пратеникот не може и не сака лично да ја поднесе оставката и тоа го прави со известување до претседателот на Собранието, тогаш спикерот штом ќе го прими тоа известување, според процедурата, тој не ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, туку на првата наредна седница на Собранието, известувањето за оставката го става на гласање.

    Претседателот на Собранието Џафери најави дека следната недела е на пат, така што ако е сериозен во намерата, Груевски останува пратеник уште најмалку една недела. Ако не, Џафери секако најави дека ќе свика седница за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски околу седми јуни, откако Комисијата на 29 мај го изгласа предлогот за одземање на мандатот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира