На стартот на својата прва полна сезона како тренер на Ливерпул во октомври 2015, Јирген Клоп предвиде дека ќе освои една титула во наредните четири години. Тој никогаш не кажа дека ќе биде лесно и убаво, но своето ветување го испорача во рамките на терминот.
Неговата трансформација на Ливерпул беше комплетирана синоќа, кога клубот ја освои шестата европска титула, совладувајќи го Тотенхем во финалето на Лигата на шампионите во Мадрид со 2:0.
„Ова е само почеток“, кажа Клоп потоа.
Овој триумф уследи кратко време откако Ливерпул не успеа да ја освои Премиерлигата, иако собра неверојатни 97 поени.
„Дали некогаш сте виделе тим како овој, кој се бори без гориво во резервоарот? Ова беше најдобрата ноќ во нашите професионални животи. Среќен сум за овие момци, но и за моето семејство. Тоа страдаше заедно со мене секоја година, бидејќи ќе стигнеме до финалето и ќе изгубиме. Се надевам дека овојпат ќе имаме поубаво лето“, изјави Клоп по средбата.
Клоп е тренер кој знае да изгради однос со своите играчи и кој сака да ги разбере фановите и заедницата во којашто работи и сето тоа му носи огромна харизма. Сепак, признава дека најголемата поддршка му е сопругата Ула, која ја запознал на Октоберфест во Минхен во 2005 година. Истата година и се венчаа.
„Мојата сопруга секогаш ме прашува кога е последниот меч на сезоната, затоа што знае дека има шанси јас да бидам вклучен во него. Веќе ѝ кажав и на УЕФА дека повторно можат да нè очекуваат следната сезона“, се пошегува Клоп.