ПОРАНЕШНА ГРАДСКА БОЛНИЦА ДВА ЧАСА ОСТАНА БЕЗ СТРУЈА, ИТНИТЕ СЛУЧАИ СЕ ПРЕПРАЌАА ВО ДРУГИ БОЛНИЦИ

    ПОРАНЕШНА ГРАДСКА БОЛНИЦА ДВА ЧАСА ОСТАНА БЕЗ СТРУЈА, ИТНИТЕ СЛУЧАИ СЕ ПРЕПРАЌАА ВО ДРУГИ БОЛНИЦИОд Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ велат дека се работело на главната трафостаница и од безбедносни причини екипите на ЕВН ја исклучиле струјата (Фото:СДК.МК)

    Клиниката за хируршки болеси Св. Наум Охридски во Скопје минатата среда два часа останала без струја, па пациентите во тоа време биле препраќани во други болници.

    Граѓани кои ја контактираа нашата редакција велат дека со повреди биле шетани низ Скопје затоа што ургентните центри меѓусебно не биле координирани. Повреден кој од Тетово бил препратен на ургентен центар во ГОБ „8 Септември“ не можел да биде примен во таа болница, поради зафатеност на операционите сали, па од таму бил испратен во поранешната градска болница. Но, кога роднините го донеле таму, им рекле да го вратат во „8 Септември“ оти нема струја.

    Информацијата ја потврдија и ЕВН и болницата и велат дека прекинот на снабдување бил планиран.

    Од ЕВН велат дека на барање на техничките служби од Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“ организиран е прекин на снабдувањето со електрична енергија, поради интервенција во нивната трафостаница. „Напојувањето со електрична енергија траело околу два часа во попладневните часови и по завршување на интервенцијата повторно е пуштена струја“, велат од ЕВН.

    Директорот на болницата „Св. Наум Охридски“ д-р Иван Спировски вели дека електричната енергија била прекината, бидејќи се работело на санација на главната трафостаница, со која се напојува со струја целата болница. Тој вели дека прекинот на електрична енергија бил од околу час и половина до два часа.

    „Поради реконструкцијата на болницата требаше да се интервенира во главната трафостаница, повикавме екипи на ЕВН и беше исклучена струјата во целата болница. Тие пациенти што можеле да почекаат почекале, а оние што биле со итна состојба се препратени. Биолницата има агрегат, но тој е само за операционата сала и за интензивната нега. Нови пациенти во тие час и половина до два не можевме да примаме“, вели д-р Спировски.

    Нема информација зошто интервенцијата на трафостаницата се правела среде работен ден, кога фреквенцијата на пациенти е зголемена и зошто немало координација со други здравствени установи и со Брзата помош да не праќаат итни случаи во Киниката „Св. Наум Охридски“.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира