СТАПИ НА СИЛА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА, НЕВЛАДИНАТА ХЕРА СО ПРОМОТИВНА КАМПАЊА ЗА ЖЕНИТЕ

    СТАПИ НА СИЛА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКИН НА БРЕМЕНОСТА, НЕВЛАДИНАТА ХЕРА СО ПРОМОТИВНА КАМПАЊА ЗА ЖЕНИТЕОд невладината организација ХЕРА велат дека жените треба да бидат информирани за своите права, и дека законските решенија се добри (Фото: ХЕРА)

    Стапи на сила новиот закон за прекин на бременоста, со кој им се олеснува на жените да го остварат ова право. Од Министерството за здравство велат дека со новиот закон за прекин на бременоста се укинуваат административните бариери со кои досега се соочуваа жените. Со него се овозможува прекин на бременоста и по истекот на деветата гестациска недела со медикаментозен метод во установи од примарна здравствена заштита.

    Прекин на бременоста се предвидува и по истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена, а прекин на бременоста од дванаесеттата до дваесет и втората гестациска недела од бременоста по писмено барање од жената може да се оствари без да оди на комисија, при што лекарот може да побара мислење од друг доктор специјалист од соодветна гранка на медицината.

    По дваесет и втората гестациска недела за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Ако жената е незадоволна од одлуката на првостепената комисија, оди на второстепена комисија составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.

    „Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе! Волјата на жената е на прво место. Одлуката за прекин на бременоста како посебна медицинска интервенција за која треба слободно да одлучува бремената жена, се заснова на дадена согласност свесно, без принуда и врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата. Прекинување на бременоста како и досега ќе се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение“, велат од Министерство за здравство.

    Невладината организација ХЕРА  стартуваше со видео кампњата „Слобода е кога самата одлучуваш“  на социјалните мрежи, со која им се објаснува на жените кои се нивните права согласно новите законски одредби. Од ХЕРА велат дека новите законски решенија се добри, а сега ќе ја следат нивната имплементација.

    „Целта на петте промотивни видеа е да ги информираме жените кои се нивните права. Понатаму ќе следиме како се спроведува законот, со оглед на тоа дека за прв пат се воведува можност за медикаментозен абортус и очекуваме државата да создаде услови тие лекови да бидат регистрирани и достапни за жените, како и да се донесат подзаконските акти“, вели Eлизабета Божиновска, од ХЕРА.

    Видео кампањата може да се види тука:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира