Кумановец кој живее и работи во Минхен, Германија, награден е со највисоки признанија за храброст во сојузната покраина Баварија, затоа што спасил човек од сигурна смрт. Роберт Пешиќ (38), кој работи како медицинско лице во локална патронажна служба, на раце го изнел Германецот Кристијан додека во неговиот стан беснеел голем пожар. За овој исклучителен подвиг Роберт е награден со две највисоки државни признанија за храброст, лично од премиерот на Баварија Маркус Содер.
Наградите му биле врачени на 29 мај на свечена церемонија во премиерската резиденција во Минхен, во присуство на македонскиот конзул Сашо Аврамовски, заедно со уште стотина други спасувачи од целата сојузна покраина кои во 2017 и 2018 се истакнале со лична храброст. 43-ца добиле Баварски медал и 59-мина медал Кристофер, додека само Роберт и уште еден човек ги добиле двете признанија. Баварскиот медал се доделува на лица кои спасиле живот ризикувајќи го сопствениот, а Кристофер за спасување на луѓе во тешки околности.
Конзулот Аврамовски ни рече дека ова е првпат македоснки државјанин да добие вакво престижно признание во Германија.
„Импресиите се големи бидејќи ова неретко се случува. Ова беше една голема радост за сите нас, бидејќи се потврдува дека нашите државјани се амбасадори на својата земја и својот народ. На сите состаноци коишто ги водиме и разговараме околу олеснување на визите, возачките дозволи, признавање на дипломи, јас ги фалам моите иселеници и со овој подвиг се докажа дека ние сме малубројна ама дисциплинирана нација. Роберт го потврди тоа мое кажување во права смисла, за да не биде само дипломатска фраза. Голема беше честа што премиер на една од најсилните и најбогатите републики во Германија одвои толку време и со сите лично се сретна, се фотографираше и ги награди со плакети“, вели Аврамовски.
Според конзулот, во Германија има околу 120.000 македонски државјани, во Република Баварија од 30.000 до 35.0000, а во Минхен околу 7.000 граѓани.
Подвигот на Роберт се случил на 5 август 2017 во пладневните часови. Кога заминал на работа и не претпоставувал дека ќе се најде во исклучително драматична ситуација.
„Како и секој друг ден заминав во посета на еден наш пациент да му дадам терапија. Кога стигнав пред зградата видов кола на Брза помош, а потоа забeлежав дека станот во кој требаше да одам гори. Без размислување втрчав внатре, но од густиот чад ништо не можев да видам. Отидов во собата каде што лежеше пациентот и креветот беше празен. Излегов од станот земав воздух и се вратив да го барам по подот. Во третиот обид го најдов блиску до балконот зафатен од огнот. Успеав да го подигнам и да го изнесам. Кога излеговме од станот нозете уште му гореа. Ја соблеков маицата и го изгаснав, но по тело имаше изгореници. Во меѓувреме, пристигна противпожарната единици и двајцата нè однесоа в болница“, вели Роберт.
Храбриот болничар немал физички повреди ни изгореници по телото, но бил задржан на лекување затоа што вдишал големи количини на чад и постоело опасност да дојде од труење на организамот, па откако се опоравил бил пуштен дома.
Пожарот во станот на неговиот пациент го предизвикал моторот за подигање и спуштање на креветот, а Кристијан, човекот кого го спасил имал проблеми со дишењето и користел кислород од боца. Најголема опасност по животот на двајцата била можноста таа да експлодира. Но, во тие моменти Роберт не размислувал за опасностите што демнат.
„Тогаш само мислев како да му помогнам човекот и да го спасам, последиците не ми беа ни на крај памет. Сега кога ќе размислам се чувствувам гордо, но од оваа дистанца ми изгледа страшно. Гордо затоа што успеав да спасам еден живот, а тажен поради што му се случи на тој кутар човек кој живееше сам. Ме плаши и помислата што се можело да се случи да експлодирала боцата, за моите деца… Но, без размислување би го направил истото повторно ако се најдам во слична ситуација“, вели тој.
Роберт додава дека наградата му значи многу, затоа што туѓа држава го вреднувала неговиот подвиг. Сепак, најголема поддршка му е неговото семејство, сопругата Ивана, ќерката Сташа (12) и синот Леонид (6), кои се горди на него.
„Кога ги донесов дома орденот и дипломата, моите деца ме прашаа поради што сум ги добил. Им раскажав што сум направил, мојот син ме гушна и ми рече: ‘Тато ти си мојот херој, кога ќе пораснам јас ќе им помагам на луѓето како тебе’. За мене тоа е најголема награда, која нема цена“, раскажува Роберт.
Роберт и неговото семејство се преселиле во Германија пред две години, а неговиот подвиг се случил само три месеци откако почнал таму да живее и работи. Тој додава дека во Германија сè функционира како што треба, кој е вреден ќе биде награден, а кој не ги почитува законите ќе биде казнет, она што најмногу недостасува во нашата земја.
Како добитник на најпрестижните признанија ордени за храброст, Роберт се стекнал со доживотен бесплатен влез на сите културни манифестации, музеи, замоци, езера и сите други културни споменици во Баварија.
С. НИКОЛИЌ