Американскиот кинематографер Ед Лакман (71), кој ги снимил филмовите како „Керол“ со Кејт Бланшет и „Ерин Брокович“ со Џулија Робертс, е годинашен добитник на Златната камера 300 за животно дело, на Интернационалниот фетсивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Јубилејното 40. издание на фестивалот е најавено за од 14 до 21 септември.
„Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати, за кои требаше да добие макар еден Oскар, но заврши со две номинации. Затоа ‘Браќа Манаки’ токму на својот јубилеј му го дава нашиот ‘Оскар’, што апсолутно го заслужи“, вели уметничкиот директор на фестивалот, Благоја Куновски-Доре.
Куновски-Доре рече дека иако физички хендикепиран, тој импресионира со својата креативна енергија, од неговите почетоци на стартот на 1970, до најновите три играни проекти, снимајќи по неколку филмови во една година, со над 80 досега.
„Тој е еден од ретките кинематографери, кој покрај својата базична вокација, се покажал и како добар режисер потпишувајќи 10 филмови, скоро 20 пати и во улога на снимател на своите филмови. Работејќи со многу режисери, неговиот креативен израз го красат разновидни стилови кои се во зависност од играната или документарната форма, прилагодувајќи се и на креативниот процес и сензибилтет на конкрениот режисер“, кажа Куновски-Доре на прес-конефернцијата.
Лакман, со Златната камера, има 41 светска награда, плус 42 номинации. Бил номиниран за Оскар за „Далеку од небесата“ во 2002 и за „Керол“ во 2015, обата филма во режија на Тод Хејнис. Со него го има снимено и „Јас не сум таму“, филмот за Боб Дилан и „Музеј на чудата“ со Џулиен Мур. Меѓу режисерите со кои работел се и Роберт Алтман во „Дружина од преријата“ и Пол Шредер со давата филма „Допир“ и „Спијач на светлината“.
Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска рече дека Лакман многу се изненадил за високото признание и оти подготвуваат неговото доаѓање во Битола, и останува на тоа тој да потврди кога ќе може да дојде. Теодосиевска најави уште голем број ѕвезди и лауреати за јубилејното издание на фестивалот.
Б. НЕСТОРОСКА