На бизнисменот Орце Камчев, осомничен во истрагата на СЈО „Империја“, му е вратен пасошот заради неодложни службени патувања кои ги има како член на управен одбор и задолжителна едукација, соопштија од Основниот кривичен суд.
„Осомничениот, преку своите бранители, до судија на претходна постапка има поднесено барање за издавање на патна исправа со ограничен рок од 8 месеци важност, а заради неодложни службени патувања кои ги има како член на управен одбор и задолжителна едукација, за што доставил и докази во прилог на барањето“, се вели во соопштението.
Судијата на претходна постапка се обратил до СЈО, од каде што добил позитивно мислење да се издаде патна исправа со ограничен рок од 8 месеци важност. Орце Камчев во неделата беше во Келн, Германија, на финалниот натпревар Вардар-Веспрем во ракометната Лига на шампиони.
„Со оглед на добиеното позитивно мислење, судот во текот на минатиот месец, со писмо го извести Министерството за внатрешни работи дека дава согласност да се издаде патна исправа со ограничен рок, но со важност од 6 месеци, заклучно со последната служена обврска на осомничениот“, додаваат од судот.
Од Основниот кривичен суд велат дека немаат можност да не почитуваат согласност или предлог на надлежен обвинител и да изрекуваат потешки мерки за обезбедување присуство ако истата цел може да се постигне со поблаги мерки, па во таа смисла и постапувал.
Во „Империја“, покрај Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, осомничени се и мајката на Орце Ратка Куноска-Камчева, неговата сестра Кристина Камчева-Стојческа, Владислав Стајковиќ, Зорица Арсовска, Јованче Тасковски, Дејан Јанев, Лилјана Гајдовска, Тодор Мирчевски и Ванче Мијалчев.
Осомничени се за: злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, за перење пари, измама, злоупотреба на службената положба и овластувањата и други дела.
М. ИЛИОСКИ