Летните дискотеки во Градскиот парк ќе се уриваат и на нивно место ќе се наоѓа новиот забавен парк.
Според проектот кој на 28 мај го презентираше градоначалникот Петре Шилегов, паркот ќе биде на површина од 26.000 метри квадратни, односно освен просторот на сегашниот луна парк, ќе се прошири и на местото на летните дискотеките. Поголема површина за новиот забавен парк како што објаснуваат од кабинетот на градоначалникот Шилегов е потребна бидејќи во него нема да има реквизити само за деца, туку и адреналински содржини за возрасни.
Како што најави Шилегов на презентацијата на проектов летово ќе почне постапката за проектирање и набавка на реквизитите, што значи на есен ќе се уриваат дискотеките. При уривањето на дискотеките и ослободувањето на просторот за забавниот парк нема да се исече ниту едно дрво.
Проектот за новиот забавен парк во Скопје е на Франко Барцани од италијанското архитектонско студио „Баса“, кое повеќе од 40 години дизајнира вакви паркови.
„Вакво нешто нема во радиус од 250 километри. Градот ја доби студијата бесплатно благодарение на мои лични долгогодишни релации. На моја молба, пред шест месеци во Скопје дојдоа претставници на италијанската фирма и направивме обемна анализа. Очекувам студијата да биде прифатена на наредната седница на Советот на Град Скопје, со цел во текот на јуни да ја почнеме постапката за проектирање и набавка на реквизити, за да можеме да го отвориме паркот до средината на идната година“, рече Шилегов, на презентацијата на проектот.
Паркот ќе има 24 реквизити, вклучувајќи го и популарниот ролер костер. Ќе биде наменет за цело семејство. 80 отсто од паркот ќе биде детско-семејна област, а останатите 20 проценти ќе бидат адреналински дел, за оние кои бараат поголеми возбудувања. Тој ќе содржи и паркинг од 11.000 квадратни метри, ресторани, продавници, тоалети, театар со 200 седишта, фонтани, како и своја внатрешна инфраструктура за лесно снаоѓање. Според проценките на авторот на проектот забавниот парк ќе чини околу 11,7 милиони евра.
А. АНТЕВСКА