Со поставувањето на уште една рампа затворен е и последниот влез преку кој возачите влегуваа во стариот дел на Охрид. Рампата се поставува во подножјето на Горна Порта каде што е главниот влез во стариот град. Ќе биде готова на почетокот на јули, кога се воведува летниот режим на сообраќај во овој дел на градот.
„На ова се одлучивме бидејќи овој пат за време на примената на летниот режим на сообраќај се злоупотребуваше. По оваа патека над црквата ‘Света Богородица Каменско’ возачите возеа кога ќе им текнеше. Летово го затвораме и тој правец. Целта ни е да нема сообраќаен метеж во стариот дел на градот, посебно во лето кога тука се сместуваат голем број туристи“, вели директорката на ЈП „Билјанини извори” Гордана Јованоска.
Рампи со кои се забранува влезот за возила досега имаше кај Градското пристаниште и на влезот кај Горна Порта.
Во Охрид со почетокот на летниот режим на сообраќај кој стапува на сила на први јули, во стариот дел на градот забранет е сообраќајот од 20 до 5 часот. Оваа забрана не важи само за жители на овој дел на градот. Екипите за чистење имаат соодветни картички за возење.
Од оваа сезона улиците во стариот град ќе се чистат со електрично возило, кое ќе собира отпад од места непристапни за големите камиони. За комуналците досега беше вистинско мачење чистењето на тесните улички во стариот дел на градот.
Д. ЧУБРИЌ