Вкупно 8 министри, исто толку заменици и 20-тина директори на јавни претпријатија ќе бидат сменети до крајот на јуни, најави денеска од седницата на Централниот одбор на СДСМ во Охрид премиерот и лидер на оваа партија Зоран Заев.
Денеска Заев потврди дека дефинитивно предвремени парламентарни избори нема да има, ќе има реконструкција на Владата. До крајот на неделата, рече, ќе се знае кои министри ќе бидат сменети и кои се тие што ќе дојдат на нивно место, за да можат пратениците навреме да се запознаат со нивните биографии и да гласаат за реконструкцијата.
Заев кажа и оти меѓу 20-темина директори на јавни претпријатија што ќе бидат разрешени ќе има и директори од коалиционите партнери.
На местото на сменетите членови на извршниот одбор, денеска Централниот ги донесе Рената Дескоска, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Фросина Ташевска – Ременски и други.
Потпретседатели на СДСМ денеска не се избираат. Според одлуките што беа донесени со консензус на минатиот ЦО, разрешени беа Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Ташевска-Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.
Душко Весковски, директорот на „Водовод и канализација“ е новиот организациски секретар на СДСМ, кој доаѓа на местото на Миле Зечевиќ. Дане Талески останува секретар за меѓународна соработка на СДСМ. На седницата на ЦО не се разговарало за конкретни имиња на министри.
Д. ЧУБРИЌ