2.700 војница од Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија се дел од воената вежба „Одлучен удар“ на НАТО која се одржува на воениот полигон Криволак. Ова е најголемата вежба досега организирана во земјата, започна на 5 јуни, а ќе трае до 9 јули.
„Нашата држава како домаќин на вежбата, покажува дека поседува искуство и капацитет за организација на големи и комплексни вежби, и тоа на полигон кој ги поседува сите потребни услови за изведување на ваков тип теренски вежби. Република Северна Македонија ќе стане 30 членка на НАТО алијансата. Тоа значи не само седење на истата маса, туку и заеднички вежби, заедничка обука, заедничко учество во операции со кои се гарантира и нашиот и светскиот мир. Ние денеска овде на сите скептици им покажавме дека Северна Македонија има што да и понуди на Алијансата – има да и понуди обучени, професионални војници и офицери и има да и го понуди и овој одличен полигон Криволак, кој што ја покажа и својата сила и својот капацитет и своите потенцијали“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која денеска заедно со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев, министри и високи гости присуствуваа на Криволак.
Во рамките на вежбата „Одлучен удар“ денеска беа презентирани офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија. Дел од вежбата беа воздухоплови на Армијата и воздухопловот Б-52 од вооружените сили на САД, специјални сили од Армијата на Република Северна Македонија, вооружените сили на Албанија, Бугарија и САД, како и артилериска поддршка од вооружените сили на Литванија.