По триесет години, еден од најзначајните македонски уметници Глигор Стефанов, кој живее во Канада, утревечер ќе има изложба во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје. Ретроспективната изложба е насловена „Грабење во просторот“, а отворањето е во 21 часот.
Куратори на изложбата се Марика Бочварова-Плавевска и Благоја Варошанец, кој вели дека на изложбата се претставeни сите циклуси на Стефанов, од 1981 до 2019. Ќе бидат изложени 11 инсталации, од кои една е долга 100 метри, како и 50 фотографии од негови поранешни инсталации кои не може да се реплицираат оти Стефанов работи со трска, слама и други нетрајни материјали.
„Вообичаено кога се подготвува ретроспектива значи дека уметникот треба сѐ да извади од своето ателје. Кај мене тоа не е можно, ќе требаше да направиме ретроспектива со веќе непостоечки дела, бидејќи моите дела се со времен карактер. Кога почнавме да ја подготвуваме изложбата, не можев да верувам дека во Македонија нема да најдам 100 проценти чист памук или долга трска. Но, ете некако се помачивме и се снајдовме“, вели Стефанов.
Шеесет и тригодишниот Стефанов, кој во 1993 заедно со скулпторот Петре Николоски беа првите македонски претставници на Венециското биенале, е роден во Кавадари, а дипломирал (1981) и магистрирал (1985 ) на Академијата за ликовни уметности во Белград, отсек вајарство. Од 1988 живее и работи во Лондон, а во 1995 се преселил во Виндзор, Канада.
„Стефанов според она што го прикажува, се потврдува како еден од најзначајните македонски уметници, чиј алтернативен однос кон скулптурата остави белези врз нашата ликовна сцена во последните четириесетина години“, велат кураторите.
Изложбата на Стефанов е дел од 40. издание на Скопско лето, чие официјално отворање е в петок.
Б. НЕСТОРОСКА