Секторот за внатрешна контрола ќе испитува зошто на сопствената свадба пукала Марија Ристеска Калешковска, секретарката на началникот на униформираната полиција во СВР Битола. Портпаролката на битолската полиција Сања Стаматова преку телефонска порака не извести:„Ние сега ја видовме фотографијата и се информиравме за настанот. За вакви случаи Секторот за внатрешна контрола си ја презема работата и тие ќе постапуваат“, изјави портпаролката.
Случајот денес го обелодени Дарко Каевски, потпретседател на подмладокот на СДСМ. Тој во изјава за новинарите соопшти дека Марија Ристоска Калешковска на својата свадба не само што се фотографирала со пушка, туку со помош на татко и, таа на веселбата рафално пукала. Каески покажа и фотографии од свадбата. Тој истакна дека невестата е нововработена секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, Зоран Дуковски.
„Пушката, според информациите што ги имаме е формациско оружје на полицијата и војската и за неа граѓаните не можат да добијат дозвола за поседување и носење. Но тоа очигледно не важи за нововработената секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола. Според информациите што ги имаме, Марија Ристовска Калешковска е тазе вработена, пред извесно време добила и решение за работа во СВР Битола, веднаш по завршувањето на средното економско училиште“, обвини Каески.
На сликата при пукањето на невестата и помага повозрасен маж, за кој од СДСМ тврдат дека е нејзиниот татко, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во битолскиот крај.
Фотографии на невестата со пушка во рацете можат да се видат и на Фејсбук.
Невестата е од пелагониското село Долно Српци. Жителите од таму велат дека свадбата се одржала на втори јули. Кога сватовите ја земале невестата слушнале силен звук, но не знаеле што е. Свадбената веселба се одржала во кафеана во Битола.