Аргентинската режисерка Лукреција Мартел ќе биде претседателка на жирито на годинашниот Венециски филмски фестивал, кој ќе се одржува од 28 август до 7 септември. Режисерката на „Зама“ ќе биде седмата жена на оваа функција во 76-годишната историја на фестивалот. Во изминативе две децении, фестивалот го засили присуството на жените во жирито: во 2017 жирито го водеше Анет Бенинг, во 2006 Катрин Денев и Гонг Ли во 2002.
Директорот на фестивалот Алберто Барбера во соопштението ја нарече Мартел „најважната режисерка на Латинска Америка и една од најдобрите режисерки во светот“.
„Во нејзините филмови, оригиналноста на нејзиното стилизирано истражување и прецизини постановки се во служба на поглед на светот ослободен од компромиси, посветен на истражување на мистериите на женската сексуалност и динамиките на групите“, вели Барбера.
Нејзиниот последен филм „Зама“ имаше премиера во Венеција во 2017, a ги освои наградите за најдобар филм, режисер, актер, сценарио, монтажа и кинематографија на аргентинската верзија на холивудските Оскари. Филмот имаше и номинација за Оскар за најдобар странски филм.
„Чест е, одговорност и задоволство да се биде дел од оваа прослава на филмот, на огромната желба на човекот да се разбере себеси“, изјави Мартел.
Останатите членови на жирито сѐ уште не се објавени.