„Боинг“ не знае што да прави со своите авиони откако поради две големи несреќи во октомври и март се мачеше да најде купувачи за проблематичниот модел „737 макс“.
Локалната ТВ-станица од Сиетл „КИНГ-ТВ“ објави дека компанијата била принудена да ги паркира неиспорачаните авиони на паркингот за вработените, не оставајќи простор за автомобилите.
„Го користиме просторот во фабриките на ‘Боинг‘ додека трае паузата во испорачувањето на ‘737 макс‘, вклучувајќи ги оние во Сан Антонио, Сиетл и на езерото Мозес“, изјави портпаролот на „Боинг“, Пол Бергман.
Два авиона „боинг 737 макс“ се урнаа во Индонезија и Етиопија поради софтверска грешка, при што вкупно загинаа 346 луѓе. Ова доведе до приземјување на целата флота на „737 макс“ во март, што компанијата ја чинеше една милијарда долари во првата третина од годината.
„Блумберг“ објави дека компанијата плаќа месечен паркинг од 2.000 долари за секој авион.