Зли Дол кај Трпејца, над патот Охрид-Свети Наум кој е дел на планината Галичица во близина на Охрид, на таинствен начин ги гуши моторите на возилата, а возачите остануваа вчудоневидени од оваа појава, која најверојатно настанува поради турбуленции во воздухот. Угорнината од околу половина километар веднаш зад популарното туристичко село Трпејца и најсилните мотори во одредени денови и моменти тешко ја совладуваат.
Кога се оди за Свети Наум, по поминувањето на Трпејца од левата страна се издига висок планински врв познат како Зли Дол, а во неговото подножје има голем рамен простор. Токму овде, од каде почнува и угорнината која води за Свети Наум, се случува оваа таинствена појава со автомобилските мотори, за која сведочат и искусните возачи на клубот „Урбан стрит кар“ од Охрид кој брои 30-на членови кои возат моќни коли.
„За оваа појава под Зли Дол кажуваат многу возачи кои поминуваат на тој дел од патот Охрид-Свети Наум кај Трпејца. Од она што знаеме за мотористиката, а мислиме дека знаеме многу, поради вакуумот кој настанува кај угорнината моторите губат сила и возилото тешко се движи. Токму овде, од за нас необјаснети причини, воздухот е разреден. Исто така, познато е дека кога температурата на воздухот е висока моторите губат сила, оти на зима согорувањето на горивото е подобро, а обратно е во летните месеци”, појаснува Миле Милески, еден од потпретседателите на „Урбан стрит кар“, млад но искусен возач.
Членовите на овој клуб велат дека не навлегуваат во причините кои создаваат вакуум на овој дел од патот.
„Неслучајно народот овој планински дел на Галичица го нарекол Зли Дол. Тука можеби треба да се бара причината за таинствените појави во неговото подножје. Факт е дека од овој врв се спуштаат силни вртложни ветришта кои се судираат со ветровите кои доаѓаат од правец на Езерото. Мислам дека доаѓа до спој на студен и топол воздух поради што се создава турбуленција која има влијание врз работата на автомобилските мотори“, вели Милески.
Забавувањето на работата на автомобилските мотори на овој дел од патот за Свети Наум не се случува секогаш, но искусните возачи од охридскиот мото клуб напоменуваат дека без разлика на силината на моторот и типот на возилото многу возачи ја имаат почувствувано оваа појава.
Д. ЧУБРИЌ