Симона Халеп ја освои својата прва титула на Вимблдон откако за помалку од еден час игра ја прегази Серена Вилијамс во финалето.
Вилијамс, која уште еднаш не успеа да го израмни рекордот на Маргарет Корт од 24 гренд слем титули, не личеше на себеси и беше поразена со 2:6, 2:6 за само 56 минути. Халеп стигна до титулата со само еден загубен сет на целиот турнир.
„Ова беше мојот најдобар меч. Мајка ми отсекогаш сонувала за ова. Тој ден дојде и таа беше тука“, рече 27-годишната Романка, која лани славеше на Ролан Гарос.
Вилијамс (37) го загуби третото големо финале во последните 12 месеци.
„Симона играше како луда. Секој пат кога противникот игра така неверојатно, можеш само да му симнеш капа“, призна таа.