Бојан Јовановски – Боки 13 кој денеска беше уапсен на граничниот премин „Богородица“ вечерва беше донесен на распит пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд. Попладнето во судот со полициска придружба беше спроведен и второосомничениот Зоран Милевски – Кичеец.
Обвинителството за организиран криминал побара од судот мерка притвор за двајцата осомничени.
Според извори на истрагата, вечерва обвинители заедно со полицијата влегле и во 1ТВ, каде се испитува документацијата на медиумот, за кој Боки 13 се претставува како сопственик.
- БОКИ 13 ЗЕЛ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДА ЗАПРЕ КРИВИЧНА ПОСТАПКА, СО ПАРИТЕ КУПУВАЛ ОБЛЕКА И ПЛАЌАЛ ОДМОРИ
Јовановски и Милевски се осомничени за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело Перење пари. Двајцата осомничени тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка дека се моќни кај јавен обвинител.
Како што кажа на денешната прес-конференција обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, во период од ноември 2018 година до април годинава, првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.
А. АНТЕВСКА