ТЕУТА АРИФИ СЕ ФАЛИ ДЕКА ТЕТОВО ЌЕ ДОБИЕ ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА, СЕЛА ОБВИНУВА ДЕКА ЌЕ СЕ ЗАГАДУВА ПОЧВАТА

    ТЕУТА АРИФИ СЕ ФАЛИ ДЕКА ТЕТОВО ЌЕ ДОБИЕ ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА, СЕЛА ОБВИНУВА ДЕКА ЌЕ СЕ ЗАГАДУВА ПОЧВАТАДеновиве се чисти просторот каде порано имало депонија, а отпадот со камиони се пренесува на депонијата Дрисла во Скопје. Од Алијансата на Албанците го обвинуваат раководството на Општина Тетово дека сметот наместо во Дрисла, се депонирал во дупки кои се отварале по нивите од Полошко (Фото: СДК.МК )

    Во близина на тетовското село Фалише течат подготовките за изградба на филтер станица за пречистување на отпадните води од Тетово. Во оваа фаза од градежните работи се чисти просторот каде порано имало депонија, а отпадот со камиони се пренесува на депонијата Дрисла во Скопје. Чистењето, одлагањето на отпадот во Дрисла и подготовката на теренот е финансирано од Владата и Општина Тетово со 2,3 милиони евра, додека транспортот на отпадот во износ од 700.000 евра е финансиран од Норвешка во рамките на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“.

    „Со изградбата на пречистителната станица ќе запре досегашната пракса на испуштање на нетретирани отпадни води во реката Вардар што ќе доведе до подобрување на заштитата на животната средина и здравјето на населението во Тетово и подрачјата по текот на реката”, изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

    Расчистувањето на просторот ќе трае до декември, а потоа ќе се започне со изградбата на филтер станицата која се очекува да биде завршена до 2022. Изградбата ќе биде финансирана од фондовите на ЕУ во износ од 30 милиони евра.

    На увидот како течат градежните работи присуствуваше и вицепремиерот Бујар Османи, кој е и национален координатор на странската помош во Северна Македонија и преставникот од Норвешката амбасада која во оваа фаза го донира транспортот на сметот.

    „И ние, до пред само неколку децении имавме големи проблеми со загадувањето на водите, но, денес во Норвешка во функција се ставени повеќе од 2,700 пречистителни станици кои покриваат околу 85 отсто од населението“ изјави претставникот на норвешката амбасада.

    И додека Општината се фали со овој успех, од Алијансата на Албанците на Зијадин Села го обвинуваат раководството на Општината дека сметот наместо во Дрисла, се депонирал во дупки кои се отварале по нивите од Полошко. Ова Општината го прави, како што велат од Алијансата, со цел да се избегне плаќањето за депонирањето на сметот во депонијата Дрисла па на овој начин Општината злоупотребува добиените сретства а воедно и ја загадува почвата во полошко.

    Од Општина Тетово немаше никаква реакција на овие обвивенија.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира