Американската нобеловка за литература Тони Морисон, една од најголемите современи писателки, почина во болница во Њујорк на 88 години, соопшти денеска нејзиниот издавач „Алфред А. Кноф“. Морисон е прва Афроамериканка која добила Нобелова награда, во 1993, за „визионерска сила“ и за „нурнување во самиот јазик, јазикот што таа сака да го ослободи од категориите за бело или црно“, како што образложи Шведската академија.
Делото на Морисон длабоко се фокусираше на афро-американската култура, нејзините дела „Љубена“, „Соломоновата песна“, „Најсиното око“ ја трансформираа американската литература со драматизирање на потрагата по слобода во рамките на расата.
За романот „Љубена“, во кој мајката мора да направи трагичен избор дали да го убие бебето за да го спаси девојчето од ропство, Морисон доби Пулицерова награда во 1988. Во 1998, Опра Винфри играше и го продуцираше филмот според овој роман.
Морисон го објави првиот роман „Најсиното око“ на 40 години, а додека наполни 60, по само 6 романи, таа стана првата Афроамериканка што доби Нобелова награда. Во 2012 претседателот Барак Обама ја одликува со Медал на слободата.