Музичарот и композитор Дуке Бојаџиев на синоќешниот концерт на Охридско лето ја повика публиката во полното гледалиште на сцената „Долни Сарај“ да запали свеќи како апел до надлежните да се спаси, како што рече, ова единствено место на планетата. Апелот на Бојаџиев е во контекст на последните барања од УНЕСКО да се отстранат дивоградбите кои му го загрозуваат статусот на Охрид како заштитено светско културно и природно наследство.
Бојаџиев му го посвети концертот на Охридското Езеро, а 1.076-те свеќи гореа додека премиерно ја изведуваше композицијата „Охрид” со која го отвори концертот.
„Потекнувам од Скопје, но уште од дете, повеќе се чувствувам како дома во Охрид отколку во Скопје. Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде, и тоа пријателства што ги негувам уште од детството. Охридското езеро станува сė позагрозено. Ги повикувам сите структури во државата да направат сė што можат”, рече македонскиот музичар кој 18 години живее во САД.
Уште од отворањето на Охридско лето на 12 јули, уметниците како Александар Поповски, Благој Нацоски, Весна Ѓиновска-Илкова, Ирена Кафкалевска, Наде Талевска-Спасовска и Влатко Стефановски испраќаат пораки и апели за спас на регионот.
Од вкупно 1.076 дивоградби во Охрид, 409 се лоцирани во заштитен појас, односно на крајбрежјето на Охридското Езеро, во потегот на Националниот парк „Галичица” и во стариот дел на градот. Во рамки на оваа вкупна бројка, 82 предмети се однесуваат на урбана опрема, 16 се за времени објекти, 8 за плажи, 80 за куќи, апартмани и сместувачки капацитети, а останатите предмети се за помали интервенции и градежни зафати на објекти, покажа посебниот Регистар на нелегалните градби што го изработи Општина Охрид за нејзината територија, согласно препораките кои беа нотирани од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
- БЕЗ ЕЗЕРОТО НЕМА ДА ПОСТОИ НИ ОХРИД НИТУ ОХРИДСКО ЛЕТО – ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ АПЕЛИРА ЗА СПАС НА ГРАДОТ НА УНЕСКО
- ЧУВАЈТЕ ГИ ОХРИД И ЕЗЕРОТО, ОПЕРСКИТЕ ПРВЕНЦИ ЈА ПЕЕЈА „БИЛЈАНА ПЛАТНО БЕЛЕШЕ“ ВО ЕДЕН ГЛАС СО ПУБЛИКАТА ВО „СВЕТА СОФИЈА“
- ДА ГИ ОТКОРНЕМЕ ДИВОГРАДБИТЕ КАКО ДИВО МЕСО, РЕЧЕ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ И ГО ПОСВЕТИ ОХРИДСКО ЛЕТО НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ
Б. НЕСТОРОСКА