УНЕСКО испрати писмо до Владата на Перу, во кое бара информации за изградбата на нов аеродром во близина на Мачу Пикчу и какво влијание ќе има врз најголемата туристичка атракција во земјата и светско културно наследство. Писмото, кое не беше јавно објавено, го потсети Перу за неговата обврска да ги заштитува објектите од светско културно наследство и директно го спомува Чинчеро, историското село во Светата Долина во близина на градот Куско, каде ќе се гради нов аеродром. Мачу Пикчу почнал да се гради во 1400, а во 1983 е прогласен за светско културно наследство.
Во реакцијата се инсистира дека Перу мора да се координира со УНЕСКО, а портпаролот на министерството за култура на Перу кажа дека ќе одговорат до 25 август.
Ова не е прв случај за УНЕСКО да испрати предупредување за Мачу Пикчу. Во 2017 реагираа дека археолошкото наоѓалиште е во опасност, бидејќи има бројни посети од туристи. По предупредувањето, властите ја ограничија бројката на 5.000 туристи дневно во летните месеци, што беше двојно повеќе одошто препорача УНЕКСО.
Во 2017 Мачу Пикчу го посетиле околу 1.5 милион туристи.