Владата и Министерството за животна средина веднаш да почнат со изградба на регионални депонии и да спречат понатамошна опасност од загадување на животната средина, побара Народниот правобранител.
Последните случувања со опожарувањето на сметот во регионалната депонија Русино крај Гостивар, како и во депонијата Буково крај Охрид според Народниот правобранител укажуваат на тоа колку е значајно решавањето на ова прашање, особено што загадувањето на воздухот, водата и почвата ќе имаат далекусежни последици не само во тие региони туку и во целата држава.
„Со жалење констатираме дека и после три години од неговото истражување за состојбата со депонирањето на отпадот констатациите остануваат исти, а ситуацијата на теренот непроменета. Локалните депонии, кои во најголемиот дел не исполнуваат ниту еден еколошки стандард и натаму работат, нема осовременување ниту на двете регионални депонии Дрисла и Русино, а не е отпочната изградбата на ниту една од шесте современи регионални депонии“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.
Оттаму додаваат дека живеењето во здрава животна средина е едно од основните загарантирани уставни права и тоа право на граѓаните никој не смее да им го загрозува, па Владата, која ги презеде ингеренциите од локалната власт во оваа сфера, веќе нема простор за одолговлекување со решавање на ова прашање.